Семејното насилство е во пораст во Европа по укинувањето на мерките

од Vladimir Zorba

Постепеното враќање на животот во нормала во Европа бележи зголемување на семејното насилство врз жените, пишува агенцијата Франс Прес. Лицата на жртвите се наоѓаат на насловните страници на медиумите овие денови, во време кога насилниците ја губат контролата врз жените што ги имале за време на пандемијата на коронавирус и ограничувачките мерки што ги принудија жителите да останат дома.

Една од нив е Шахинез, 31-годишна Французинка со алжирско потекло, која беше застрелана и запалена жива од нејзиниот сопруг, помалку од една година откако беше обвинет за семејно насилство. Насилството врз жените е тема и во Шведска, каде за три недели се убиени пет жени.

Повеќе од 50 жени се убиени оваа година во Франција

Во неколку европски земји каде официјалната статистика за оваа година е веќе достапна, бројките се непобитни. На пример, во Шпанија, од укинувањето на вонредната состојба во мај, една жена е убивана на секои три дена, додека претходно таа црна статистика беше секоја недела.

Во Белгија 13 жени се убиени од крајот на април, додека минатата година имало 24 такви случаи. Во Франција, 56 жени биле убиени во 2021 година, а во истиот период минатата година, 46 биле убиени, според податоците на невладини организација.

„Жените добиваат поголема слобода, насилниците се чувствуваат како да ја губат контролата, па затоа реагираат со екстремно насилство“, рече Викторија Росел, шеф на работната група на шпанската влада за борба против родово насилство.

„Во случајот на зголемување на бројките на кои сме сведоци во последниве месеци, гледаме како олеснувањето на рестриктивните мерки откриваат друга пандемија – онаа на машкото насилство“.

Откако бројките покажаа дека ваквото насилство расте, социјалистичкиот шпански премиер Педро Санчез ја повтори желбата еднаш и засекогаш да се запре оваа мазогинистичка чума.

Тивки повици

Општите карантини на ниво на држава го отежнуваат откривањето на случаи на семејно насилство низ цела Европа. Осудени да останат дома со своите насилници, жртвите можеле да побараат помош само со крајно дискреционо право.

За време на тримесечното затворање на Шпанија, бројот на повици за помош се зголеми за 58 проценти во споредба со истиот период во 2019 година, а таканаречените тивки повици на Интернет се зголемија за 458 проценти, според податоците на тамошното Министерство за еднаквост

„Тоа покажува како жените не можеа ни да се јават од дома“, рече Росел.

Истото се случувало во Италија и Германија, каде најмногу имало повици во април и мај 2020 година.

За да им помогнат на жените, државите донесоа различни иновативни начини да побараат помош. Во Италија, жените можат да повикаат полиција и да кажат дека сакаат да нарачаат пица маргарита, по што полицијата ќе излезе на терен. Во Шпанија, жените можат да ги предупредат властите со одење во аптека и барање пурпурна маска.

Иако бројот на повици се зголеми, бројот на поплаки и убиства падна за време на карантинот, објаснува Анџелес Кармона, шеф на Шпанската опсерваторија за домашно и родово насилство.

Совршени услови за контрола

Во Франција, Италија и Шпанија, минатата година бројот на убиени жени од страна на партнери, сегашни или поранешни, опадна за 90, 67 и 45 проценти.

Овие проценти не го изненадуваат Анџелес Хаиме де Пабло, шеф на „Темис“, шпанска организација на адвокати, кој посочува дека комбинацијата на работа од дома и недостаток на социјален контакт создадоа идеални услови за насилна контрола.

„Во тој поглед, растот на насилството по укинувањето на мерките беше предвидлив“, изјави Де Пабло за француската агенција.

Во околности надвор од пандемијата, насилството често се случува по разводот и раскинувањето или кога партнерот започнува нова врска. Овие настани беа отсутни за време на пандемијата.

„Откако заврши затворањето и беше укината вонредната состојба, многу жртви ги зедоа работите во свои раце и решија да заминат“, рече Кармен Руиз Репуло, социолог и експерт за родово насилство.

„И затоа ризикот стана многу поголем и сведоци сме на овие убиства“, заклучи таа.

Слични содржини