Семејството Бајден ја преуредува Белата куќа: Ова се некои од првите промени

од Stefanija Kuzmanovska

Новата администрација на Џо Бајден, претседателот на САД, не само што ја смени државната политика, туку ги промени и декорациите во внатрешноста на Белата куќа.

Новиот изглед на Белата куќа е делумно забавен, но истовремено е ставен и личен печат, како и нов политички, пренесе „Индипендент“.

За време на церемонијата на инаугурацијата, 90 членови на персоналот на Белата куќа почнаа да се преселуваат со семејството Бајден, а селидбата траеше пет часа.

Семејството Бајден планираше да се всели на 20 јануари, но нема да го промени целосно изгледот на Белата куќа или да донесе личен декоратор.

Меѓутоа, се додава во текстот на „Индипендент“, тоа не го спречи семејството на новиот претседател на САД да промени некои детали, и тие веројатно ќе треба да вложат уште еден милион долари за преуредување на една од најпознатите згради во светот.

Една од промените е статуата на легендарниот борец за правата на земјоделците, Цезар Чавез, која стои зад масата на претседателот во Овалната соба.

„Ставањето на статуата на татко ми во Овалната соба симболизира нови денови, нова надеж за нашата нација. Ова го велам не затоа што е во чест на татко ми, туку затоа што претставува верба и охрабрување за сите луѓе во чие име се бореше“, рече Пол Чавез, син на Цезар за NBC.

Исто така, статуите на Роза Паркс и Еленор Рузвелт беа вметнати во Овалната соба, а Бајден го замени портретот на поранешниот претседател Ендру Џексон со портретот на Бенџамин Френклин.

Иако не е типичен декор, кучињата на Бајден, Чемп и Мејџор, исто така ќе заземат место во Белата куќа, бидејќи Трамп беше првото семејство по многу години што немаше милениче.

Нема официјално соопштение дека тоа ќе се случи, но многумина го повикуваат семејството Бајден да ја врати старата градина во Белата куќа, по „контроверзните промени што ги воведе поранешната прва дама Меланија Трамп“, кога ги извади растенијата и постави плочки, заклучува лондонскиот весник.

Слични содржини