Семејството на Кашоги им простило на убијците

од Vladimir Zorba

Семејството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, кој беше убиен во октомври 2018 година за време на посетата на саудискиот конзулат во Истанбул, соопшти дека им простиле на убијците на нивниот татко, напиша неговиот син Салах во објавата на Твитер.

Според исламскиот закон, смртната казна во Саудиска Арабија може да се промени ако семејството на жртвата му прости на сторителот, но не е јасно дали вакво нешто ќе се случи овде.

Кашоги последен пат беше виден на 2 октомври 2018 година во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, каде отиде да ги собере потребните документи за неговата свадба. Неговото тело беше распарчено и извадено од зградата на конзулатот, а остатоците никогаш не беа пронајдени.

Вереницата на Кашоги, Хатиџе Џенгиз, на Твитер напиша дека „никој нема право да помилува убијци“.

Јаја Асири, претставник на саудиската група за човекови права ALQST со седиште во Велика Британија, се согласува со Џенгиз.

„Убиството на Џамал Кашоги не е семејно прашање, не е грешка во нормален контекст. Властите го убиле заради неговата политичка работа. Неговиот случај е политички“, рече Асири.

Тој сподели изјава потпишана од повеќе саудиски активисти и политичари, во која тие го отфрлаат, како што го нарекоа, препакување на убиството на Кашоги во семејно, што го прават саудиските власти.

Убиството предизвика глобален аларм. Некои западни земји, како и ЦИА, соопштија дека атентатот го наредил саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман.

Саудиските власти рекоа дека тој нема улога во убиството, иако Бин Салман посочи на лична одговорност во септември 2019 година, велејќи дека грозоморното убиство „се случило под негов надзор“.

Саудиска Арабија осуди на смртна казна пет лица за убиството во декември, а тројца завршија во затвор. На осомничените им се суди на тајни сослушувања во главниот град Ријад.

Судењата беа осудени од Обединетите нации и групите за човекови права. Специјалниот иследник на Обединетите нации Агнес Каламар ја обвини Саудиска Арабија дека ја „исмејува“ правдата дозволувајќи им на главните организатори на убиството да останат на слобода.

Слични содржини