Сенатот на УКИМ да преземе одговорност и да ја повтори постапката за избор на ректор, бара НАкС

од Берта Китинска

Сенаторите на УКИМ да ја преземат одговорноста и да ја повторат постапката за избор на ректор, бара Независниот академски синдикат. Од таму велат дека овој избор на ректор бил еден од најскандолзните досега и дека биле прекршени бројни законски и статутарни услови.

„Изборите за ректор се одвиваа во услови на пандемија, во време кога нашите колеги се бореа да ги продолжат редовните наставни и научни активности, додека некои од нив беа и заболени од самиот коронавирус. Бројни законски и статутарни услови при изборот на ректор беа прекршени, вклучувајќи ја и забраната за спроведување постапка за избор на ректор во време на вонредна состојба1, забраната за спроведување на постапката во време на изборен период2, како и конфликтот на интереси кој ректорот ги имаше како незаконски претседавач на Сенатот3. Посредно, на текот на изборите се влијаеше и преку задоцнетото отпочнување на постапката за избор на сенатори, како и со формирањето на новиот сенат десет дена по рокот предвиден во Статутот“, се наведува во соопштението.

Според НАкС, сериозните прекршувања и изигрувања на постапката за избор на ректор се последица на грубата злоупотреба на универзитетската автономија, која за жал, како што велат, некои членови на академска заедница ја сфаќаат буквално како автократија.

„Но, за ваквата состојба одговорност треба да се бара и во институциите кои се должни да се грижат за правилното спроведување на законите во високото образование, а тоа во прв ред се Државниот просветен инспекторат (ДПИ) и Министерството за образование и наука (МОН). Одолговлекувањето на инспекцискиот надзор од страна на ДПИ, како и непостапувањето по задоцнетите реакции на Инспекторатот од страна на министерот за образование и наука Арбер Адеми, овозможија новиот ректор на најголемиот универзитет во државата да биде избран во една исклучително проблематична процедура од аспект на нејзината законитост и легитимност“, велат од НАкС.

Синдикатот уште еднаш ги повикува институциите да поведат активности согласно нивните надлежности и да овозможат повторување на постапката, согласно законските процедури и основните начела на фер и демократска постапка.

„Сенаторите на УКИМ, во чија надлежност е потврдување на ректорот, да преземат одговорност и да донесат одлука со која нема да придонесат најголемиот и најмоќниот универзитет во земјава, како и неговата автономија да (о)станат заложници на можни сегашни и идни непринципиелни интереси и влијанија“, бара Независниот академски синдикат.

Слични содржини