Северна Кореја истрела две балистички ракети со краток дострел

од Vladimir Zorba

Северна Кореја истрела две балистички ракети со краток дострел кон нејзините источни води, соопштија јужнокорејските и јапонските власти, што претставува четврто вакво лансирање оваа недела.

Се верува дека тоа е одговор на воените вежби што ги одржуваат севернокорејските ривали.

Војската на Јужна Кореја соопшти дека утрово забележала дека Северна Кореја истрелала два проектила од областа на главниот град Пјонгјанг.

Според извештаите, Јужна Креја го зголемила надзорот и е во воена готовност во тесна координација со САД.

Јапонското Министерство за одбрана исто така соопшти дека е забележано лансирање на севернокорејска балистичка ракета.

Денешното лансирање дојде еден ден откако Јужна Кореја, Јапонија и САД ги одржаа своите први трилатерални противподморнички вежби во последните пет години. Вежбите се одржаа во близина на источниот брег на Корејскиот полуостров. Претходно оваа недела, јужнокорејски и американски воени бродови одржаа четиридневни билатерални поморски вежби во областа.

Северна Кореја ги смета воените вежби на нејзините ривали како практика за инвазија и често одговара со тестови на оружје.

Двете воени вежби што ги спроведоа САД, Јужна Кореја и Јапонија оваа недела ги вклучи американскиот носач на авиони на нуклеарен погон УСС Роналд Реган и група воени бродови.

Северна Кореја, исто така, истрела проектили пред и по посетата на американскиот потпретседател Камала Харис на Јужна Кореја во четвртокот, со што се додаде рекордниот број на тестови на оружје оваа година. Пјонгјанг го изврши и првото тестирање на интерконтинентална балистичка ракета од 2017 година.

За време на посетата, Харис ја потврди цврстата американска посветеност на безбедноста на сојузниците на Вашингтон во Азија.

Слични содржини