Северна Кореја се соочува со недостиг на храна: „Домаќинствата ќе доживеат тежок период“

од Stefanija Kuzmanovska

Северна Кореја се соочува со недостиг на храна од скоро 860.000 тони оваа година, предвидува Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), предупредувајќи дека земјата може да доживее тежок период веќе следниот месец.

Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун неодамна изјави дека состојбата со храната е „напната“, предупредувајќи ги луѓето да се подготват за „најлошата состојба досега“.

Минатата година пандемијата на ковид 19 и летните бури и поплави извршија уште поголем притисок врз економијата, која е во опаѓање, а Пјонгјанг минатиот месец призна дека се бори со „моменталната криза со храна“.

Се предвидува дека Северна Кореја годинава ќе произведе 5,6 милиони тони жито, се вели во извештајот на ФАО. Тоа е скоро 1,1 милиони тони помалку од количината потребна за да се нахрани целото население, а со комерцијален увоз, официјално планиран за 205.000 тони, Северна Кореја најверојатно ќе се соочи со недостиг на храна од скоро 860.000 тони.

„Ако овој јаз не е соодветно покриен со увоз или помош од храна, домаќинствата може да доживеат тежок период од август до октомври“, наведе ФАО.

Пјонгјанг ги затвори своите граници во јануари минатата година за да се заштити од пандемија, како резултат на што трговската размена со Кина, нејзиниот најголем партнер, забави се до минимум, додека сите меѓународни хуманитарни работници ја напуштија земјата.

Слични содржини