Северна Македонија дел од Глобалното движење за ставање крај на насилството врз децата

од Vladimir Zorba

Со потпишување заложба за борба против насилство врз децата од страна на министрите Оливер Спасовски, Рената Дескоска, Мила Царовска, Венко Филипче и Арбер Адеми денеска во Скопје заврши дводневната конференција „Проширување на акцијата за ставање крај на насилството врз децата во Западен Балкан” организирана од УНИЦЕФ.

-И честитаме на Владата на оваа важна заложба со која се приклучува кон 26 други земји членки на Глобалното партнерство за ставање крај на насилството врз децата. Со работата на ставање крај на насилството врз децата всушност работиме на тоа секое дете да се чувствува безбедно дома, на училиште и во заедницата, рече претставничката на УНИЦЕФ Патриција ди Џовани.

Со оваа заложба Република Северна Македонија ќе стане дваесет и седма земја предводник во рамките на Глобалното партнерство за крај на насилството врз децата и се обврза да спроведе конкретни активности до 2022 година за постепено ставање крај на насилството врз децата.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на конференцијата рече дека е убеден дека преку оваа заложба заеднички ќе дојдеме до решенија за подобра нормативна заштита на децата вклучително и превенција од насилство врз децата.

Спасовски истакна дека искуствата на модерните општества говорат дека, за жал, позицијата на децата е предмет на загрозување, на злоупотреба, на насилство различно по форма и обем, и дека тие мора да бидат во фокусот на постојана грижа и заштита.

Според министерот Спасовски, низ призмата на полициското искуство честопати било евидентирано дека некогашната жртва наталожените трауми ги демонстрира со подоцнежно криминално или насилничко поведение.

-МВР безрезервно ги поддржува сите иницијативи и предлози што ќе овозможат поквалитетна заштита на децата од насилство, унапредување на стандардите и нормите во тој сегмент, притоа максимално отворајќи се за меѓуинституционална соработка и акција, рече Спасовски.

Министерката за правда Рената Дескоска истакна дека клучно е да се заштитат децата од секундарна виктимизација во текот на правната постапка, без разлика во кое својство доаѓаат, бидејќи тие честопати се веќе трауматизирани.Вториот клучен аспект, како што додаде, е дека мораме да работиме на тоа да го извадиме детето од спиралата на насилството и криминал.

-Во рамки на активностите на Министерството за правда за јакнење на кривично – правната заштита за повреда на правата на детето во 2018 година со измените и дополнувањата на Кривичниот законик вградена е нова дефиниција за насилство врз дете, кое покрај елементите од генералната дефиниција за насилство го опфаќа и психичкото насилство, насилство преку интеренет, врсничкото насилство и за ова дело е пропишана парична казана или казна затвор од шест месеци до три години, рече Дескоска.

Според министерката за правда во процесот на правдата клучна е улогата на судиите, јавните обвинители и адвокатите. – Очекувам истите да ги користат решенијата од Законот за правда за децата и да применуваат медијација, алтернативни мерки како можност за вон судско решавање на постапките за децата се со цел да ги заштитиме децата да станат жртви на системот, рече Дескоска.

Кај нас, како што посочи Дескоска, околу 60 судии во сите судови работат на правда за деца само за случаи на деца обвинети за криминал, а значително поголем број на судии работат на предмети што вклучуваат деца жртви и сведоци.

Според неа, за сите судиите, јавните обвинители и адвокатите кои работата на случаи поврзни со деца неопходна е специјализирана обука со цел нивниот пристап и комуникација да биде прилагоден за секое дете.

-Ниедно дете не треба да расте во страв. Кога целото општество им помага на родителите да израснат деца со здрава приврзаност, деца кои добиваат поттик во својот развој, деца кои веруваат во себе, кои се истрајни, емпатични, знаат како да се справат со разочарувањата, и кои учат и откриваат нови нешта. Тогаш ние создаваме просперитет, како и понапредни, посилни, поуспешни и побезбедни општества, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во своето завршно обраќање на конференцијата.

Царовска истакна дека водени од Конвенцијата за правата на детето, особено од правото сите деца да се ослободени од сите форми на насилство, граѓанската и прогресивната Влада на Северна Македонија се залага да стави крај на сите форми на насилство и експлоатација на децата до 2030 година.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми меѓу другото истакна дека никој било да е политичар или некоја друга личност не сака, нема желба и не тежнее да создаде генерации кај кои ќе преовласува насилство.

-Затоа треба уште посилно да имаме координиран институционален пристап за соочување со овој предизвик, а уште подобро би било да се зајакне и регионалното партнерство во соочувањето со овој предизвик во денешницата, кој најверојатно ќе биде присутен и во иднина во некаков облик, рече Адеми.

Тој порача дека треба да има нулта толеранција за насилството врз децата и меѓу децата и оваа Конференција да служи како основа да се зајакне регионалното партнерство а потпишувањето на заложбата да служи за пример што треба да се следи и од земјите кои не презеле таков чекор.

Министерот за здравство Венко Филипче на конференцијата посочи дека преземаат обврска за унапредување на знаењата на лекарите во примарно здравство, пред се во сферата на реформата којашто на тоа ниво се спроведува, потоа во секундарното и терцијарното здравсто, а се со цел да се подобри превенција на насилството врз децата.

-Два предуслови за превенција на било која форма на насилство врз децата е безусловна љубов од родителите и почит кон децата како личности. Ако помогнеме на време да се ублажат негативните искуства од детството, тогаш може да се превенира интергенерациско пренесување на насилството, рече Филипче.

На дводневната конференција своите искуства за соработката на институциите за интегрирана детска заштита ги споделија и претставниците од Црна Гора, Србија, Албанија, Вишиот регионален советник за детската заштита на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, Арон Гринберг и првата дама Елизабета Ѓоргиевска којашто зборуваше од искуство на лекар.

Танцовото студио Битрикс вчера ја отвори конференцијата со моќниот перформанс „Тишина“, а на завршната церемонија настапи хорот од училиштето „Кузман Јосифовски Питу“ со песната „Занемена“ праќајќи ја пораката дека со заложбата треба да се стави крај на криење на насилството во тишина.

Слични содржини