Северна Македонија и Ватикан ќе потпишат договор за регулирање на статусот на Католичката црква

од Nikola Popovski

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, на маргините на Преспа форумот за дијалог што се одржува во Охрид се сретна со секретарот за односи со државите на Светата Столица (Ватикан) Пол Ричард Галагер.

Премиерот Ковачевски на средбата ја изрази благодарноста за аудиенцијата и средбата со папата Франциско во Ватикан на 23 мај, за време на прославата на денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј.

На средбата, на која присуствуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, беше истакнато дека дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Ватикан од воспоставувањето на дипломатските односи бележат континуиран развој со високо ниво на меѓусебна доверба, разбирање и пријателство, а круна на интензивните пријателски односи беше посетата на Папата Франциск на нашата земја во мај 2019 година.

Соговорниците на состанокот истакнаа дека духовните врски меѓу Северна Македонија и Ватикан се зацврстени со наследството и христијанските вредности на делото на Мајка Тереза и Светите Кирил и Методиј, кои се преточуваат во пријателските политички односи меѓу двете држави и кои се од значење и за регионот.

Премиерот Ковачевски и секретарот за односи со државите на Светата Столица (Ватикан) Пол Ричард Галагер разговараа и за подготовките за потпишување на договор, односно конкордат меѓу Северна Македонија и Светата Столица за регулирање на статусот на Католичката црква во нашата земја со што ќе се отворат нови потенцијали за соработка во повеќе области од взаемен интерес.

Слични содржини