Северна Македонија од денеска целосно воено интегрирана во НАТО

од Берта Китинска

Со потпишување на заедничката декларација со НАТО денеска официјално ќе се заокружи процесот на воено интегрирање на Република Северна Македонија во командните структури и во структурата на силите на Алијансата.

За министерката за одбрана Радмила Шекеринска тоа е потврда за успешно завршаната работа во зацртаниот рок од две и пол години. Шекеринска денеска информираше дека во изминатиот период е опремена лесната пешадиска единица, декларирана за потребите на НАТО, но оти тртансформацијата и опремувањето на АРМ продолжува со 22 проекти кои треба да се реализираат до 2028 година.

За таа цел во земјава ќе престојува командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за трансформација генерал Филип Лавињ, кој во Министерството за одбрана и Генералштабот ќе оствари средба министерката за одбрана Радмила Шекеринска и со началникот на ГШ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

На церемонијата, по обраќањата од страна на претседателот Стево Пендаровски, министерката Радмила Шекеринска и генералите Филип Лавињ и Васко Ѓурчиновски, ќе следи потпишувањето на заедничката декларација од страна на генералите Лавињ и Ѓурчиновски со што и формално Република Северна Македонија ќе биде целосно воено интегрирана во НАТО – Алијансата.

Завршувањето на процесот на воена интеграција во НАТО е доказ за посветеноста на Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија во исполнување на дадените цели кои се одвиваат преку трансформациските процеси во Mинистерството за одбрана и Армијата.

Слични содржини