Севернокорејска балистичка ракета прелета над Јапонија

од Stefanija Kuzmanovska

Севернокорејска балистичка ракета денеска прелета над североисточна Јапонија пред да падне во Тихиот Океан, соопшти јапонската влада, наведувајќи дека нема жртви или материјална штета.

Ракетата доведе до ретко активирање на алармниот систем, предупредување беше објавено и на националната телевизија NHK, која ги повика жителите на северниот и североисточниот дел на Јапонија да одат во засолништа.

„Околу 7:22 часот, Северна Кореја лансираше балистичка ракета на исток“, изјави владиниот портпарол Хироказу Мацуно за новинарите.

Тој рече дека деталите се анализираат, но дека проектилот поминал над североисточниот јапонски регион Тохоку и потоа паднал „во Тихиот Океан надвор од јапонската ексклузивна економска зона“.

Тој рече дека по тој ракетен истрел нема информации за жртви или материјална штета.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида ја нарече акцијата „акт на насилство“ и остро ја осуди.

Системот за ракетно предупредување во земјата беше активиран во 7:29 утрово по локално време (00:29 по средноевропско време).

Тоа е првпат од 2017 година, а вкупно седми пат Северна Кореја да истрела проектил низ јапонскиот воздушен простор при нејзините ракетни тестови со среден и долг дострел.

Јужнокорејските медиуми јавуваат дека армијата на земјата проценува дека се работи за проектил од типот „Хвасонг 12“, кој летал со брзина од околу 17 маха и прелетал повеќе од 4.500 километри.

Покрај целата територија на Јапонија (каде се наоѓаат воените бази на американската армија), таа ракета може да го погоди и американскиот остров Гуам во западниот Пацифик.

Слични содржини