Шаќири и студенти дискутираат за надградување на законот за субвенциониран студентски оброк

од Radmila Tasevska

Мерката субвенциониран студентски оброк, не само што ќе биде достапна и во иднина, туку во меѓувреме законското решение ќе го унапредиме согласно потребите и барањата на оние за кои се однесува. Дадовме ветување и токму денес на средба со студентите презентираме предлог измени што ги подготвивме и јас очекувам од нив, да дадат дополнителни сугестии за да дојдеме до решението што ќе биде најправедно и вистинска поддршка при студирањето.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој денес во Собранието на Република Северна Македонија е на средба со претставници на студентските организации и здруженија, каде се дискутира за подобрување на законското решение што предвидува доделување на средства за субвенциониран студентски оброк.

Измените, како што образложи Шаќири, се однесуваат на повеќе сегменти на законот.

– Студентите ова право ќе го користат од понеделник до петок, без ограничување на часовите. Исклучок е периодот од 1 јули до 14 септември, кога корисниците немаат право на добивање паричен надоместок, како и во неработните денови и државни празници. Дополнително, се предлага непотрошените дневни средства да не се префрлаат за трошење следниот ден, се наведува во соопштението на Министерството за образование и наука.

Во иднина, како што соопштија оттаму, посебно одделение во МОН ќе работи исклучиво на прибирање и обработка на податоците и на остварувањето на правото на субвенциониран студентски оброк.

– Понатаму, ќе се дефинираат носителите на платен промет, односно тоа се банките со кои МОН ќе склучи нефинансиски договори за обезбедување соодветен број на картички за користење на субвенциониран студентски оброк и нивна персонализација, додека сметките на студентите би се воделе без надомест, а провизијата за трансакциите ќе ја плаќаат трговците. Како даватели на услуги, се одредуваат исклучиво правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна и се регистрирани во мрежата за трговци со соодветен код и истите ќе бидат евидентирани во регистар што ќе го води МОН, а ќе биде јавно објавен на веб страницата на Министерството и ќе се ажурира на месечно ниво, појаснуваат од Министерството.

Шаќири очекува конструктивни предлози од студентите до утврдување на најдобрата верзија на законот и со тоа, како што е нагласено, Министерството заедно со Владата само уште повеќе ја проширува праксата на заедничка соработка во креирањето на политиките.

Тој потенцираше дека и во услови на криза, потребите на студентите остануваат врвен приоритет на Министерството и дека токму денес се реализира исплатата на средства за субвенциониран студентски оброк на сите студенти, кои аплицирале и ги исполниле критериумите, согласно постојното законско решение.

– Тие ќе добијат средства за два и пол месеци, односно за половина септември и за октомври и ноември, додаваат од Министерството.

 

Слични содржини