Шаќири: Се чекаат согласности за продолжување на договорите на наставниците од МИГ

од Stefanija Kuzmanovska

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири очекува до задутре да почне наставата по неколку стручни предмети во Математичко-информатичката гимназија (МИГ) откако ќе се добијат согласности од Министерството за финансии за продолжување на договорите на дело на професорите, кои се истечени на 31 декември.

-Во гимназијата имаат настава, но не по сите предмети. Денес се испратени последни дописи до Министерството за финансии. Има нови правила на Законот на извршување на буџет и по нив е постапено. Со Законот има промена на постапките помеѓу институциите и тоа ќе се решава денеска или утре. Очекувам позитивно мислење од Финансии, рече Шаќири одговарајќи на новинарски прашања по потпишување Меморандум за соработка со Амбасадата на Швајцарија за 2023-2026.

Со директорката на МИГ, рече, денеска имал координација во врска со часовите и нивното надоместување.

-Ако се осум стручни професори и ако е само една недела по два часа што не држеле настава, ќе се надомести во периодот кога ќе добијат согласност. Според моите информации, и претходната учебна година, кога второто полугодие почна на 1 февруари, исто така договорите на тие вработени беа продолжени од 15 февруари. Истата ситуација беше и лани, но иако немале договори, ја продолжиле наставата, истакна Шаќири.

Станува збор за професори кои не се во редовен работен однос и договорите на дело им се продолжуваат со почеток на календарската, а не на учебната година.

За ова денеска реагираше и Сојузот на средношколци со апел „што побрзо да се реши проблемот во Математичко-информатичката гимназија (МИГ) бидејќи апсурдно е учениците од оваа гимназија да имаат по само еден до два часа дневно“.

Слични содржини