Шахпаска: Блокада со 500 амандмани за Законот за задолжително пензионирање на 62 и 64 години

Во собраниска процедура е законското решение за задолжителното пензионирање во јавниот сектор на 62, односно 64 години, но наиде на блокада со 400-500 амандмани од опозицијата, посочи на денешната прес конференција, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Во рамки на одговарањето на новинарски прашање, Шахпаска испрати повик до пратениците и од власта и од опозицијата да го надминат овој стадиум и да отворат можност за донесување на законот, затоа што, како што вели, сите амандмани во суштина се исти и се однесуваат на рокот на важење на законот.

„Моите сознанија се дека законот е стигнат до второ читање, но за сите четири закони кои го регулираат пензионирањето со 64 години, законите за работни односи, за административни службеници, за здравствена заштита и за високо образование, се блокирани од страна на опозицијата со по 400 – 500 амандмани. Ги повикувам пратениците, како од власта, така и од опозицијата, да најдат решение и исход зашто нашите сознанија се дека сите амандмани се во суштина исти, само за преместување на рокот за важење на законот. Да се договорат и ова законско решение да се биде поднесено“, истакна Шахпаска.

Министерката исто така, напомена и дека законското решение е предложено од пратеници, а Министерството не учествува во законодавната, собраниска процедура.

„Согласно предвидените законски решенија, сите граѓани кои наполниле 64 години и кои согласно важечкото законско решение до крајот на 31 август 2020 година поднеле барање за продолжување на нивниот работен век во следната година, ќе важи договорот за работа до неговото истекување, најдоцна до 31 декември 2021 година. Тоа е одредбата која ја предвидува законското решение кое ни беше дадено на увид од страна на пратениците“, заклучи Шахпаска.

Слични содржини