Шахпаска: Донацијата од НР Кина ќе овозможи воспоставување на нови социјални услуги за лицата со попреченост во Берово

од Берта Китинска

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска заедно со сопругата на претседателот на Република Северна Македонија Елизабета Ѓоргиевска и амбасадорот на НР Кина, Жанг Зуо, денеска го посетија Дневниот центар за лица со попреченост во Берово, кој ќе биде реконструиран и дополнително опремен со донација на НР Кина.

Амбасадата на Народна Република Кина во Република Северна Македонија донира 1.540.000 денари за зајакнување на услугите на Дневниот центар за деца и лица со попреченост што функционира при Меѓуопштинскиот центар за социјална работа – Берово и ја покрива и соседната општина Пехчево.

Донацијата ќе биде искористена за опремување и помали реконструктивни зафати во просториите на дневниот центар. Предвидено е да се опремат, кабинет за физикална и хидро-терапија, како и сензорна соба наменета за деца и лица со аутистичен спектар на нарушувања.

Дневниот центар веќе располага со потребниот стручен кадар вклучувајќи специјализиран кинезитерапевт, специјален едукатор/ рехабилитато,социјален работник, физиотерапевт и медицински сестри.„Воспоставувањето на различни и индивидуални социјални услуги на локално ниво е еден од приоритетите на Mинистерството за труд и социјална политика. Тие имаат за цел зајакнување на корисниците и унапредување на нивниот личен развој“, оцени министерката Шахпаска.

Таа се заблагодари на поддршката на НР Кина, но и на сопругата на претседателот Ѓоргиевска која беше вклучена во процесот на избор на Дневниот центар за деца и лица со попреченост како институција за која ќе биде наменета донацијата.

Во евиденцијата на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа – Берово фигурираат околу 300 деца и лица со различен тип на попреченост, кои би биле можни корисници на идните нови услуги на дневниот центар – рехабилитациски и физио-терапевтски услуги.

Слични содржини