Шахпаска-Донев: Економските мерки на Македонија и Бугарија дадоа позитивни резултати

од Nikola Popovski

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, имаше работна средба со вицепремиерот за економски и социјални политики и министер за труд и социјална политика во Република Бугарија, Галаб Донев.

На состанокот двајцата министри разговараа за политиките што ги водат во делот на работните односи, но и разменија мислење за мерките што двете држави ги преземаа со цел да се олеснат економските последици врз работниците и стопанството, од здравствената криза предизвикана од пандемијата Ковид-19.

Шахпаска информираше дека нашата држава преку шесте пакети економски мерки и вложените 1,2 милијарди евра како помош помогна да се зачуваат околу 80 илјади работни места. Тоа, додаде таа, придонесе дури и за намалување на невработеноста на историски 15,9 проценти.

Преку Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување, нагласи министерката Шахпаска, со дополнителни 25 милиони евра, Владата посвети внимание не само на оние кои го загубија работното место поради пандемијата, туку и на тешко вработливите, ниско квалификуваните и на оние лица кои подолго време се надвор од пазарот на трудот, особено на жените и Ромите.

Министерот Донев, презентирајќи ги економските мерки на Бугарија, оцени дека исто така, во време на економска криза, успеале да задржат ниско ниво на невработеност и на некој начин да го заштитат стопанството.

Двајцата министри разговараа и за начинот на кој го водат социјалниот дијалог со претставниците на работниците и работодавачите, но и за процесот на хармонизирање на законската регулатива во делот на работните односи со европското законодавство.

Министерката Шахпаска информираше дека во завршна фаза е подготовката на новиот закон за работни односи, кој го подготвуваме во соработка со експерти од Меѓународната организација на трудот, но и дека Министерството за труд и социјална политика, работи на целосно нова регулатива за безбедност и здравје при работа.

Слични содржини