Шахпаска: Направивме вистински пресврт за неполни 3 години, за уште 4 знаеме дека можеме повеќе и подобро

од Nikola Popovski

Носителката на листата во ИЕ3 од коалицијата „Можеме“, Јагода Шахпаска изјави дека за три години СДСМ и Владата што ја предводи покажаа одговорност, решителност и визија во решавањето на проблемите на граѓаните и државата, односно покажа како вистински се сака и води  татковината.

„Направивме вистински пресврт. Од економија во минус обезбедивме економски раст,  повисоки плати и рекордно ниска невработеност. Од изолирана и заробена држава ,денес сме земја членка на НАТО и земја преговарач со ЕУ.

Донесовме навремени здравствени мерки, а со трите пакети економски мерки помогнавме да се спасат илјадници работни места.

Но, знаеме дека заедно со граѓаните, можеме да постигнеме уште повеќе и уште подобро.

Затоа, подготвивме понуда со која обезбедуваме план и решение за уште поуспешно справување со последиците од корона кризата, поголем економски раст, одговорни и силни институции, мерки кои обезбедуваат ред, правда и дисциплина.

Нашата понуда е нова македонска развојна економија. Државата ни припаѓа на сите подеднакво, таа е наша заедничка одговорност. Затоа креираме земја на слободни и одговорни луѓе.

Наспроти ова, од другата страна е ВМРО-ДПМНЕ, партија предводена од неодговорниот политичар Христијан Мицкоски, чие деструктивно и незрело однесување е опасност за граѓаните и државата.

Кај ВМРО-ДПМНЕ ништо не се промени, остана истата таа партија заглавена во режимската матрица, без став за ниту едно важно прашање. ВМРО ДПМНЕ секојдневно потврдува дека не се грижи за граѓаните.

Додека СДСМ строго ги почитува протоколите за заштита на здравјето на граѓаните , за ВМРО-ДПМНЕ тие неважат, а со тоа директно го загрозуваат нивното здравје и безбедност.

Во следните  4 години, сите заедно можеме, повеќе и подобро“, изјави Шахпаска.

Слични содржини