Шахпаска: Разловци ја добива својата прва градинка

од Andreja Salpe

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, заедно со градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски, направи увид во градежните работи на новата детска градинка во село Разловци, општина Делчево.

„Во согласност со направениот увид на новиот објект, градежните работи се завршени, градинката е опремена и набргу ќе почне со прием на деца. За реконструкција, адаптација и за опремување на новиот објект, Министерството од својот буџет издвои средства во висина од 4 милиони денари. Градинката има капацитет да згрижи 20 деца на возраст од 2 до 6 години“, информира министерката.

Таа посочи дека иако капацитетот на новиот објект не е голем, значајна е пораката што се испраќа – грижа за секое дете, без разлика дали се наоѓа во градска или рурална средина.

Градоначалникот на општина Делчево, Трајковски, посочи дека иако селото Разловци е најодалеченото село во општината, тоа е и село со најголем број жители, каде што опстојува и фабрика и каде што гравитираат жители и од соседните општини.

Слични содржини