Шахпаска: Се препорачува зголемен внес на свежо овошје и зеленчук во исхраната во градинките

од Nikola Popovski

Работната група за ревидирање на Правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките денеска во Министерството за труд и социјална политика одржа работен состанок. На состанокот кој го отвори министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска се дискутираше за предложените измени на менито на детските градинки.

Членовите на работната група, констираа дека е важно оброците да имаат енергетска и нутритивна вредност соодветна на возраста и потребите на децата. Во таа насока повикувајќи се на направените анализи на храната и нејзините нутритивни вредности тие сметаат дека промените во исхраната во детските градинки се неопходни.

Работната група препорачува зголемен внес на свежо овошје и зеленчук, но и конзервираната храна да биде заменета со замрзната. Од употреба да бидат исфрлени и конзервираните преработки од месо и синтетички паштети. Исто така во исхраната на децата да бидат отстранети и додадените вештачки засладувачи, кечапот и мајонезот, а наместо маргарин во исхраната да биде вметната употребата на путерот и на ладно цедено масло.

Министерката Шахпаска посочи дека исхраната на децата игра клучна улога во нивното здравје.

„Разноликоста на храната и внесот на здрави оброци кај децата во предучилишно образование е клучна за нивниот правилен детски развој, затоа што преку неа тие ја добиваат енергијата која им е потребна за учење и игра, карактеристична за нивната возраст. Оттука произлегува и иницијативата на Министертвото за целосно ревидирање на Правилникот за исхрана на децата во градинките“, рече министерката Шахпаска.

За поголема грижа и превенција на здравјето на децата додека престојуваат во градинките но и дома, Работната група за ревидирање на Правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките предвидува и едукација на децата, родителите и вработените во градинките.

За да се стигне до целта за здраво мени во детските градинки Работната група ќе продолжи со својата работа до финилизирање на промените кои ќе бидат направени и подготовка на нов Правилник за исхрана во градинките.

Слични содржини