Шахпаска: Секое дете е важно, отвораме градинки во целата држава

од desk4

Изградбата на градинките е успешна приказна на која сум особено горда. До сега во употреба се пуштени 14 детски градинки, а уште 12 до крајот на годината, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. 

 -Наредната недела ќе бидат пуштени градинките во Неготино и во Стајковци. Намерата ни  да изградиме градинки во сите делови на државата. За нас секое дете е важно, бидејќи колку порано влезе во воспитно образовниот процес, толку поподготвено ќе влезе во образовниот процес, рече Шахпаска.

 Околу изградбата на градинки во местата населени со претежно албанско население, министерката Шахпаска рече дека првата градинка што била пуштена во употреба, кога дошла на позицијата – министерка, била градинката во општина Сарај, а потоа беа пуштени во употреба и градинките Брвеница и Боговиње.

-Во делот на изградба на градинки во општина Тетово и Теарце тоа е проект кој го работиме со Европската Комисија, финансиран со ИПА средства. Во тек е евалуација на понудите. Тоа ќе бидат две најсовремените градинки кои ќе бидат изградени во наредниот период. Најголемата градинка е во фаза на изградба и се наоѓа во општина Чаир. Тоа е капитален проект со кој ние како министерство сме  особено горди, бидејќи претставува еден сосема нов концепт во кој ќе бидат згрижени 350 деца, рече Шахпаска, за весникот „Коха“.

 Според Шахпаска, Министерството за труд и социјална политика останува посветено на ваквата политика.

– Нашата заложба е до завршување на мандатот до 2024 година 60 % од децата од предучилишна возраст, да бидат сместени во градинки. Отворени се градинки и во Прдејци-општина Гевгелија, но и градинка во која има мешана група од 20 деца во Разловци, општина Делчево. Работиме на градинки во Градско и Росоман, а Могила ни е во следниот период, рече Шахпаска.

Министерката посочи и дека пред околу еден  месец во употреба е  пуштена и градинката во Шуто Оризари. Така се подига свеста и на родителите на децата од Шуто Оризари дека сместувањето на деца во градинки е придобивка за целиот систем  и за децата за нив како родители и за нас како општество, додаде Шахпаска.

Слични содржини