Шаленберг: Ако ние го свртиме грбот, тогаш ќе влетаат Кина, Русија или Турција

од Vladimir Zorba

Сакаме да почнеме пристапни разговори со Северна Македонија и со Албанија, сметаме дека веќе се доцни – тоа требаше досега да го направиме и постојано работиме на ова прашање, вели за „360 степени“ Александар Шаленберг, шефот на австриската дипломатија.

Верува дека мнозинството земји членки апсолутно се „за“ почеток на пристапните разговори, „би кажал речиси 26 членки, ако не и 26 земји членки се „за“. Има високи очекувања од словенечкото претседателство дека ќе продолжи со напорите.

– Повторно, би кажал дека за овој регион има само една перспектива – европска. Ова го велам зашто е европски регион, а и за самата Европа и за нејзиниот интерес – наш интерес е Западен Балкан да биде полноправен член на ЕУ, истакна Шаленберг.

Посочи дека постоело чувство на замореност од проширување, одредени престолнини се двоумеле, но верува дека плимата се менува.

– Мојот поглед е, а имам чувство дека тоа го прават се повеќе членки, дека во политиката нема вакуум и ако ние Европејците, како ЕУ, а има голема разлика, го свртиме грбот, тогаш други ќе влетаат – дали Кина, дали Русија или Турција. А ова е европски регион, тоа не е наш интерес и оттука, во геополитичка смисла, станува збор за тоа дали нашиот начин на живот или начинот на живот на некој друг ќе се наметне тука, вели шефот на австриската дипломатија.

Слични содржини