Шаповалов: Надал одолговлекува, привилегиран e

од Vladimir Zorba

Денис Шаповалов беше блиску до победа против Рафа Надал во полуфиналето на Австралија Опен. Загуби во пет сета и токму кога се чинеше дека има моментум и на Шпанецот му снемува сили, Канаѓанецот попушти.

„Физички се чувствувам добро, емотивно е неважно што изгубив. Гневот го истурив на рекетот. Во третиот, четвртиот и петтиот сет се чувствував како подобар играч, дека имам повеќе шанси. Само еден гем беше лош“, накратко го опиша натпреварот Шаповалов.

Сепак, тој беше лут затоа што Надал паузираше за тоалет меѓу четвртиот и петтиот сет, а претходно имаше медицински тајм аут. Поради тоа, но и поради тоа што Надал не добиваше опомени за предолгите прекини меѓу поени, Шаповалов го навреди судијата Карлос Бернардес. На почетокот на вториот сет доби опомена кога требаше да сервира, а Надал не беше подготвен за да врати.

„Претерав кога реков дека е корумпиран или што и да кажав. Дефинитивно беше емотивно од моја страна. Мислам дека не е фер колку Рафа се извлекува со овие работи. Бев целосно подготвен, часовникот отчукуваше, гледав во судијата и секако ќе кажам нешто. Бев подготвен да играм за минута и пол и тој ми вели дека нема да го опомене, затоа што јас не сум подготвен. За мене тоа е шега“, изјави Шаповалов.

Денис беше лут и поради ситуацијата меѓу четвртиот и петтиот сет, каде неговиот моментум беше целосно убиен.

„Во четвртиот сет, исто како и минатата година кога не смеев да одам во тоалет по медицинскиот тајм аут. Два пати тој зеде тајм аут. Прво медицински го проценуваа, тоа го изјави судијата по четвртиот сет, а потоа по процената отиде во тоалет. Каде е крајот?Почитувам се што направи Рафа и тој е неверојатен играч. Но мора да има граници. Правила. Ако се чувствуваш како играч дека не играш само против играчи , играш и против судии, значи играш против многу работи. Беше голема пауза по четвртиот сет и со причина и моментумот исчезна. Многу е потешко да се игра. Не сум против Рафа, тој е одличен играч. Сепак, премногу е тешко и фрустрирачки за спортист да игра против сето тоа“.

Шаповалов смета дека Рафа има привилегирана позиција поради она што го претставува во светот на тенисот.

„На секој натпревар ритамот беше брз бидејќи судиите го гледаа часовникот по секој поен. Овде, по првите два сета, тој толку многу одолговлекуваше. Исто така, му беше дозволено да има време меѓу сетови. Од истата причина, минатата година не стигнав да одам во тоалет по медицинскиот тајм аут. Како може да бидете медицински проценети и да одите во тоалет во истата пауза и да направите толку долга пауза?“

Слични содржини