Шапуриќ: Да се зголеми свеста за палењето остатоци од жетвата

од Aleksandar Petrovski

Спроведени се над 270 инспекциски надзори на опожарени земјоделски површини, изречени се околу 45 мандатни казни и поведени се десетина прекршочни постапки, се вршат и вонредни контроли, во текот на ноќните часови и за време на викендите, што покажува дека Државниот земјоделски инспекторат интензивно работи на тој проблем. Сепак, во изминатиот период се опожарени околу 300 хектари земјиште, за што директорот на Државниот земјоделски инспекторат Зоран Шапуриќ, во интервјуто за МИА, истакна дека е потребно да се подигне јавната свест за тој проблем.

Постојано се вршат контроли, изречени се казни, но сепак земјоделците сè уште ги палат остатоците од жетвата. Зошто сè уште палењето е пракса?

Редовно се вршат контроли, се спроведуваат и вонредни, во текот на ноќните часови и за време на викендите. Потребно е да се работи на подигање на јавната свест. Еден пример, земјоделец изјави дека не му е јасно зошто плаќа казна за палење, кога истото го правеле и неговиот татко и неговиот дедо. Најлесен начин за отстранување остатоци од жетвата им е токму, за жал, палењето, и покрај тоа што некои единици на локалната самоуправа, Град Скопје, Кочани, Кавадарци, им нудат на земјоделците буквално бесплатно да им го соберат отстатокот од жетвата, сламата и да ја однесат на соодветно место. Има многу малку кои прифаќаат. Секако, тоа во иднина треба да се зголеми. Ние ги поттикнавме општините да продолжат со такви активности, во Кочани дури им нудат, бидејќи имаат нова пречистителна станица, таа слама да ја обработат и да им дадат повторно бесплатно компост што би можеле да го користат.

Колку граѓаните пријавуваат за вие да излезете на терен?

Па има доста пријави од граѓаните. Најактуелно беше во Кочани, каде што буквално под патот се гледаше дека на сите страни гори. Јас бев таму на терен три – четири дена заедно со градоначалникот. Нашите екипи одат заедно со единиците на локалната самоуправа, со комуналните инспектори, со комуналните јавни претпријатија, со единиците за противпожарна заштита и со припадници на МВР. Таквите организирани акции даваат најголем ефект бидејќи се работи за координирани активности. Со оглед на периодот, овие појави сега ќе станат многу поретки. Но, потребно е да се работи превентивно, со цел в година да има многу помалку случаи.

Како се спроведуваат контролите за откупот на тутун? Како се одвива оваа година?

Спроведени се повеќе состаноци во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со откупувачите. Тие кажаа дека се подготвени, дека ги исполнуваат законските услови, пред сè финансиските. Инспекциите се максимално присутни на терен. Јас не очекувам некои големи проблеми, имајќи предвид дека сите откупувачи се подготвени и дека класификацијата на тутунот е соодветна.

Како директор на Државниот земјоделски инспекторат, како ќе ја оцените 2019 година?

Главно можам да кажам дека според мене земјоделците се доста задоволни. Тоа не е фраза, откупот беше добар и кај грозјето одредени сорти, покрај онаа сума што ја добиваат по хектар, добиваат два, односно три денари за сорта. За жал, некои винарници имаа финансиски тешкотии. Откупот на сливите беше доста добар. Субвенциите што беа предвидени во програмата на Владата беа редовно исплаќани. Се разбира, во иднина треба исто така да бидат позасилени контролите од страна на Инспекторатот на Агенцијата за поддршка на руралниот развој, сè со цел вистинските земјоделци, вистинските производители да ги добијат тие потребни субвенции, значи да се спречи можноста некој да не го обработува земјоделското земјиште воопшто или, пак, делумно, а да добива субвенции. Случај што беше многу присутен во минатото, зборувам десетини години наназад. Оваа година е многу намалено бидејќи се извршија неколку вонредни контроли, пред сè на анасонот, каде што се утврдени одредени неправилности и таму нема да бидат исплатени субвенции за оние што не ги исполнуваат условите. Поднесовме и информација до Владата за субвенционирањето, односно за можноста за субвенционирање некои ароматични култури, како што се босилек, нане и некои земјоделски – грав, грашок и тука се утврдени одредени неправилности, меѓутоа и системски слабости што во иднина треба да се отстранат. Треба да се работи на поддршка на земјоделството, тоа е многу важна гранка за нашата земја, бидејќи добар дел од населението во нашата земја исклучиво или дополнително остварува приходи преку оваа дејност. Од друга страна, производството на храна е многу важно за нашите граѓани. Секако морам да напоменам, ние сме мала држава и мораме да извезуваме.

Слични содржини