Шеесет странски слависти и македонисти од седумнаесет држави денес ќе пристигнат во Охрид

од Vladimir Zorba

Шеесет странски слависти и македонисти од седумнаесет држави денес ќе пристигнат во Охрид. Со нивното доаѓање започнува јубилејната 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), којашто ќе трае до 2 септември. Се очекуваат семинаристи од универзитетските центри од Австрија, Германија, Грција, Италија, Полска, Република Кореја, Романија, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешката Република. Меѓу семинаристите се и универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи, но и нови, млади кадри коишто искажуваат подготвеност да остварат влог за македонистиката во светот. Сите тие доаѓаат со цврста решеност да ги продлабочат своите познавања и проучувања за македонскиот јазик, литература и култура и да продолжуват со мисијата за афирмација на македонистиката.

Според програмата, по пристигнувањето на семинаристите и по отпочнувањето со лекторската настава, на 19 август (петок), со почеток во 12 часот, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид ќе се одржи свеченото отворање на јубилејното издание на овој стожерен настан за македонистиката и нејзината афирмација во светот. На отворањето, обраќања ќе имаат претседателот на државата, Стево Пендаровски, ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Во рамките на отворањето на Школата е најавена и промоција на новите изданија на учебниците за странци – „Тешкото” (македонски јазик, почетно рамниште) од проф. д-р Симон Саздов, „Лозје” (македонски јазик, средно рамниште) од доц. д-р Гордана Алексова и „Везилка” (македонска литература и култура) од проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Промоторка на изданијата ќе биде проф. д-р Анета Дучевска, деканка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Традицинално, на отворањето ќе биде промовиран и зборникот со предавања од претходната летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, а промотор ќе биде проф. д-р Борче Арсов, долгогодишен лектор на школите на Семинарот.

Инаку, оваа Школа е со најголем број учесници последниве години што е и потврда за зголемениот интерес за македонистиката во меѓународната академска заедница. Па така, по неколку години, на Школата, повторно ќе има семинаристи од САД, Република Кореја и Романија, а по неколку години интерес за учество пројавија и семинаристи од Австрија, Германија и Италија, како и од Универзитетот во Анкара, Турција на којшто се очекува од следната академска година да започне со работа и нов лекторат по македонски јазик. Според бројот на семинаристите, евидентно е зголемување на интересот за македонистиката и во Грција. Најголем број семинаристи на Школата ќе има од Полска.

Семинаристите на Школата ќе следат лекторска настава и веќе се организирани лекторски групи за сите нивоа на познавање на македонскиот јазик – почетно, средно и напредно, и тоа напредно со две поднивоа, за јазик, и за литература. На Школата ќе се одржат и единаесет предавања на еминентни истражувачи од УКИМ, за важни теми за македонскиот јазик, литература и култура, а ќе биде организирана и преведувачка работилница за сите заинтересирани семинаристи. За семинаристите коишто потемелито се интересираат за македонскиот фолклор, на Школата ќе се одржи и курс по македонски ора. Во рамките на Школата ќе се одржат и промоции на значајни книги, книжевни средби и интерактивни настани, а семинаристите ќе бидат специјални гости и на 34. издание на традиционалната манифестација „Поетска ноќ во Велестово”.

Како што веќе беше соопштено, јубилејот 55 години непрекинато одржување на Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ е исклучително значаен не само за македонскиот јазик, литература и култура, туку и за нашата држава воопшто, затоа што токму на оваа Школа се изнедруваат нашите најголеми поддржувачи и културни амбасадори во светот – странски македонисти.

Слични содржини