Шефот на Ферари: Ги ограничивме загубите

од Vladimir Zorba

Двајцата возачи на Ферари, Карлос Саинц и Шарл Леклер завршија на второто и петтото место на Гран При на Канада, намалувајќи го така заостанувањето на Скудерија за четири поени во однос на Ред Бул во конструкторскиот поредок. Сепак, Макс Верстапен дополнително ја зголеми својата предност кај возачите.

Тимскиот шеф Матија Биното ги коментираше перформансите на Ферари и објасни дека задачата овојпат била поскромна.

„Веќе на почетокот на викендот бевме свесни дека наша задача е да ги намалиме загубите, бидејќи еден од нашите автомобили тргнува од последниот ред“, објасни Биното. – Барем малку го намаливме заостанувањето во рангирањето на конструкторите. Оваа трка покажа дека во модерната Формула 1, секој тим може да има проблеми со сигурноста. И ние имаме проблеми, во Маранело тимот работи напорно за да ги елиминира“.

Биното го пофали пилотирањето на Леклер и Саинц, кои водеа низа битки од почетокот до крајот на трката.

„Шарл даде се од себе, освои 14 позиции, тргна претпоследен и заврши петти. Карлос имаше одлична трка и покажа дека може да биде многу посигурен во битките во челото. Сега ни претстои трката во Силверстоун и очекуваме нашите ривали таму да претстават нови подобрувања на болидот, но ние повторно ќе се бориме за победа“.

Слични содржини