Шефот на штабот на Навални: Ризикот е голем, треба да размислиме како ќе продолжи да живее во Русија

од Vladimir Zorba

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални се опоравува побрзо од последиците на наводниот обид за атентат, отколку што се очекуваше, изјави шефот на неговиот штаб, Леонид Волков, пренесува „АП“.

Навални, кој се разболе на пат од Сибир кон Москва на 20 август и беше во кома скоро три недели, беше пуштен минатата недела од болницата во Берлин, каде се лекуваше.

„Тој е многу подобар, би рекол неочекувано подобро. Мислам дека закрепнувањето е многу побрзо отколку што се очекуваше, и, се разбира, тоа е добра вест што нè прави среќни“, изјави Волков за телевизијата „РТЛ“.

„АП“ потсетува дека германските власти објавија дека Навални е отруен со силен нервен агенс „новичок“ и побараа од руските власти да го испитаат случајот што се случил на нејзина територија.

Присуството на нервниот агенс од времето на Советскиот Сојуз во близина на Навални е регистрирано од лабораториите во Франција и Шведска.

Русија ги отфрли меѓународните барања за започнување истрага, тврдејќи дека тестовите не покажале присуство на таа отровна супстанца во Навални.

Навални, голем противник на рускиот претседател Владимир Путин, најави дека ќе се врати во Русија со цел да ја продолжи својата политичка активност.

„Тој разбира дека ризиците се големи и мора да размислиме како тој ќе продолжи да живее во Русија. Нема да биде така лесно и многу работи, се разбира, ќе се променат со цел да се намали можноста за нов напад“, рече Волков.

Слични содржини