Шефот на ЦИА: Путин е убеден дека не може да си дозволи пораз, ќе ги засили напорите

од Stefanija Kuzmanovska

Директорот на американската Централна разузнавачка агенција Вилијам Барнс денеска во Вашингтон ја коментираше војната во Украина, руските планови, протекувањето информации околу американската помош за Украина и други актуелни прашања.

Шефот на ЦИА рече дека Путин е убеден дека со тоа што не се откажува и ќе ги засили напорите во Украина, ќе го подобри исходот од војната, пренесува „Ројтерс“.

„Неговата моментална состојба на умот е таква што тој не верува дека може да си дозволи да загуби“, навел Барнс на настанот на „Фајненшл тајмс“ во Вашингтон. „Мислам дека во моментов е убеден дека засилувањето на неговите напори сепак ќе му овозможи да напредува“, додава тој.

Тој исто така рече дека во моментов нема докази дека Русија планира да користи нуклеарно оружје.

Кинезите будно го следат отпорот на Украинците, поради Тајван

Барнс го коментираше и последното протекување информации за улогата на американските разузнавачки служби во убиството на руските генерали во Украина и потонувањето на воениот брод Москва. Како што пренесува „Гардијан“, „тој очигледно не е среќен поради тоа“.

„Апсолутно се согласувам дека ова е неодговорно. Тоа е многу ризично. Опасно е кога луѓето зборуваат премногу, без разлика дали се протекуваат информации приватно или јавно, кога станува збор за одредени разузнавачки прашања“, изјави Барнс.

Тој исто така рече дека Пекинг внимателно го следи рускиот конфликт во Украина поради проблемот со Тајван. Како што вели, развојот на ситуацијата во Украина влијае на кинеските планови околу Тајван, земја чија независност Кина не ја признава и ја смета за своја.

Шефот на ЦИА тврди дека кинеската влада е вчудоневидена од жестокиот отпор на Украинците и од економските трошоци кои на крајот на краиштата ги сноси Русија.

„Ова се работи кои почнаа да се проценуваат многу внимателно“, рече Барнс.

Слични содржини