Шефовите на дипломатиите на НАТО од утре во Букурешт, главна тема Украина

од Stefanija Kuzmanovska

Во главниот град на Романија утре почнува дводневен состанок на министрите за надворешни работи на членките на НАТО, чиј фокус ќе биде зајакнување на поддршката за Украина во нејзината борба против руската инвазија.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, најави дека учесниците на состанокот во Букурешт ќе посветат најголемо внимание на „илегалната војна на Русија во Украина, која продолжува да ги загрозува евроатлантскиот мир и безбедност“.

Министрите на 30-те членки на НАТО ќе се занимаваат и со прашањето за приклучување на Шведска и Финска во алијансата и активностите на Кина, за која Столтенберг рече дека „го зголемува своето присуство од Арктикот до Западен Балкан и се стреми да ја контролира важната инфраструктура на НАТО сојузниците“.

Една од темите на состанокот ќе биде зајакнувањето на помошта за Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија, „земји партнери кои на различни начини се соочуваат со руски притисок“, рече Столтенберг.

За време на дводневниот состанок ќе се одржат три состаноци на Северноатлантскиот совет, клучното тело за одлучување на НАТО.

Слични содржини