Шекеринска: Курбиново е силен печат на македонскиот идентитет, грижата за него е силен доказ за вистинскиот патриотизам

од Берта Китинска

Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска беше во работна посета на Курбиново, каде што во тек се интензивни конзерваторски зафати со цел заштитување на нашето културно богатство.

– Курбиново беше болната точка на нашата држава. Додека се трошеа парите на граѓаните на безвреден стиропор и споменици, нашиот вистински споменик на културата, традицијата и македонското средновековно сликарство, црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново која опстојува 9 века, беше на работ на уништувањето. Додека целиот свет се восхитуваше на црквата во Курбиново, на фреската Ангелот од Курбиново, на фреската која е на банкнотата од 50 денари, додека се пишуваа книги и научни статии за нивната оригинална вредност, влагата го подјадуваше фрескоживописот и црквата чекаше подобри времиња. И ова се тие времиња. Го спасуваме и овој важен, вистински автентичен споменик на културата, рече таа.

Таа информира дека се започнати темелни конзерваторски зафати на средновековната црква во Курбиново.

– Ова е нашата традиција со која се гордееме пред светот. Експресивните и уникатни фрески се спасени, додаде Шекеринска.

Подвлече дека Курбиново е силен печат на македонскиот идентитет, а грижата за него е силен доказ за вистинскиот автентичен патриотизам.

– Ја вративме државата на вистинскиот пат, ја поврзавме со светот, ги вративме парите на граѓаните и го зачувавме идентитетот, додаде Шекеринска.

Слични содржини