Шекеринска: Ништо не оди брзо, за ригорозните НАТО проверки треба време

За ригорозните НАТО проверки треба време, оттаму и се уште не се знае дали и кога македонскиот воен преставник во НАТО полковникот Зоран Секуловски ќе добие безбедносен сертификат и ќе замине за Брисел, посочи на денешната посета при батаљонот во Штип, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Министерката потенцира дека досега се испратени три групи од четирисетина луѓе од Министерството за одбрана и Армијата, од кои досега дел добиле безбедносни сертификати, за дел постапката е во тек. Одбиено е барањето само на еден претставник на Министерството за одбрана.

„Не сме ние тие што ги соопштуваме и ги образложуваме тие одлуки. Тоа е дел од работењето на една поширока Алијанса. Чекаме процесите да завршат и се разбира водиме разговори со кабинетот на Претседателот околу одлуката за наш воен претставник“, истакна Шекеринска.

Исто така, таа вели и дека нашето воено претставништво во Брисел е релативно пополнето и таа бројка расте, а како што рече, во тек е избор на уште еден полковник и на уште двајца подофицери.

2На воено ниво навистина сме многу сериозно претставени во рамки на НАТО Алијансата и тој процес ќе го финишираме и со воен претставник. Меѓутоа има многу работи, кои не зависат само од нас. Очекувам на 15 јануари нашиот амбасадор, Дане Талески веќе да замине за Брисел и тоа ќе биде многу важно за функционирање на нашата мисија таму“, потенцира Шекеринска.

Забележа дека добивањето на безбедносните сертификати е одложено поради пандемијата и затоа овој процес трае подолго време.

-Најголем дел од лицата кои ги праќаме на реветинг веќе имале НАТО сертификати, но кога не сме биле членка на НАТО, да станете членка на ваква Алијанса со многу поголем пристап до информации, што се чувствителни, високо класифицирани не е лесно и затоа овој процес, ниту е брз, ниту е лесен, вели Шекеринска.

Слични содржини