Шекеринска: Од држава на која меѓународната заедница и обезбедуваше мир, стасавме до држава која што обезбедува мир во соседството

од Vladimir Zorba

Повеќе од две децении, САД се посветени во поддржувањето на Северна Македонија во модернизирање и развивање на нејзината Армија, со цел таа да биде поспособна и поинтероперативна со силите на САД и НАТО. Почетокот на обуката на припадниците на Лесната пешадиска баталјонска група со американски инструктори претставува значајна пресвртница во односите за одбранбена соработка меѓу САД и Северна Македонија, порача американската амбасадорка во земјава Кејт Брнз во обраќањето по повод почетокот на обуката во касарната „Јане Сандански” во Штип, на која присуствуваше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

– Минатата година, Северна Македонија ја исполни стратешката цел за приклучување кон НАТО и стана 30 членка на најголемата алијанса во историјата. Но, членството не е крајот на патот; тоа е почеток на следната фаза од развојот на Северна Македонија и на нашата билатерална одбранбена соработка. Сега кога сте членка на Алијансата, вашата земја мора, и ќе придонесува кон безбедноста, ќе испорача способни сили во базенот на силите на НАТО и ќе биде подготвена да одговори во поддршка на Алијансата. Во наредните години ви претстои многу работа, почнувајќи од оценувањето на борбената готовност во која сите ќе учествувате следната година. САД остануваат посветени на поддршката на вашите напори, а таа посветеност може да ја видиме денес овде со присуство на војниците од 4-та Бригада за поддршка на безбедносните сили, рече Брнз.

Таа нагласи дека Националната гарда на Вермонт се обучува и се распоредува заедно со нашите војници веќе 28 години, а покрај финансирањето на модернизацијата на опремата, САД имаат испратено илјадници офицери и цивили од Северна Македонија во американските воени училишта, а тој тип учење и обука лично и едни покрај други, како што е случајот денес, тука значително придонесува за зголемена интероперативност и успех.

– Ова е првпат американската Армија да ја ангажира бригадата за поддршка на безбедносните сили во Европа. Во процесот на размислување на високите лидери каде најдобро да се ангажира Бригадата за поддршка на безбедносните сили (СФАБ), не е изненадување што една од петте земји што ги избраа беше Северна Македонија. Ова е клучно време, бидејќи сите вие поминувате низ историска воена модернизација и трансформација за да ги исполните Целите на способности на НАТО. Сепак, што е уште поважно, тоа е одраз на извонредната репутација што ја имаат офицерите, подофицерите и војниците на Северна Македонија како подготвени, волни и способни партнери, вели Брнз.

Таа истакна дека евроатлантската интеграција беше аспирација на граѓаните на Северна Македонија 30 години/ – САД беа покрај вас кога ги реализиравте сите активности за влез во НАТО и ЕУ и ќе продолжат да бидат партнери со сите оние кои ја споделуваат оваа визија за земјата. Заедно сме посилни, одејќи напред заедно, истакна амбасадорката Брнз.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека суштината на Алијансата, е сојузници кои без задршка, бескомпромисно си помагаат едни на други, заеднички да растат, да се развиваат, да бидат подобри, да бидат пообучени, повешти и да гарантираат повеќе безбедност.

– Си помагате, за кога ќе кажеме колективна одбрана, тоа да не бидат само зборови на хартија, туку да бидат сила на дело. Ова е првпат американската Армија да ја искористи споменатата Бригада за поддршка на безбедносните сили во Европа. И не е случајно што една од петте земји во коишто ја добиваме оваа поддршка е токму Северна Македонија. И сакам да ја изразам и мојата благодарност и чувство на гордост дека токму Северна Македонија ја доби оваа шанса да учи од најдобрите и да соработува со најсилните. Затоа мојата порака до сите вас овде во касарната во Штип е да ја искористите оваа шанса. Американската обука е една од најпрестижните во светот на воени вештини, рече Шекеринска.

Четвртата бригада за асистенција на безбедносните сили на САД е, додаде таа, вежбана, тренирана, обучена, за да го пренесува своето знаење на сојузничките армии, а вештините кои ги поседува овозможуваат долгорочна соработка и со други единици од составот на Армијата и токму затоа еден дел од тимот ќе влезе во нашиот инженериски баталјон, каде исто така ќе може да го пренесат своето знаење и воени вештини.

– И ова не е ангажман од два дена и не е обука од една недела, ова е постојан ангажман и постојано присуство на оваа единица, како поддршка на својот сојузник. Велат дека е важно да ги избереш своите сојузници, но клучно е да одредиш кои се твоите стратешки сојузници и ние тоа го направивме. Го направивме од почетокот на нашата независност. Нашите американски сојузници не само што не поддржуваат, туку не мотивираат и ни даваат и сила, и амбиција, за да бидеме уште подобри. Уверена сум дека и оваа соработка ќе заврши успешно и дека вистинската круна ќе биде токму НАТО оценувањето на овој важен состав, нагласи Шекеринска.

Таа меѓу другото додаде дека маките за поголем буџет и поголемо значење на Армијата се исплатеа, бидејќи видовме колку може нашата Армија да расте, да се развива и со гордост да го носи името – НАТО Армија. – Особено треба да се гордее со тоа Штип кој токму денеска го слави денот на своето ослободување, бидејќи во оваа касарна, е сместена Лесанта пешадиска баталјонска група која ќе ги брани боите на нашата татковина во НАТО, додаде Шекеринска.

– Маките да стигнеме до тука се исплатеа и затоа што сега светот, а и нашите сојузници не гледат, како фактор и контрибутор кон стабилноста на регинот. Затоа што од држава на која меѓународната заедница и обезбедуваше мир, дури и со воени трупи, стасавме до држава која што обезбедува мир во соседството. Затоа ги испративме нашите единици во КФОР во Косово, затоа го зголемивме нивниот број, затоа ќе го зголемиме и нашето учество во ЕУ Мисијата во БиХ. Тоа е наш нов државен квалитет, да се претставиме не само како држава која очекува нешто, туку и која може и нешто да придонесе. А Армијата е токму тој мировен амбасадор со којшто можеме да се пофалиме, нагласи минстерката Шекеринска.

На свеченоста се обрати и бригадниот генерал Бесник Емини, командант на Командата за операции при Армијата.

Слични содржини