Шекеринска: Становите од поранешна ЈНА може да се откупуваат, барањата веќе се поднесуваат

од Берта Китинска

Го решивме прашањето за сопственоста и користењето на становите од поранешниот фонд на ЈНА кое било одложувано со децении – барањата за откуп веќе може да се поднесуваат. Благодарност до Собранието и до Министерството за транспорт и врски. Честитки до припадниците на Армијата кои по долгогодишна неизвесност, сега ќе можат да бидат “свои на своето”, рече  министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Припадниците од Министерството за одбрана и од Армијата кои речиси три децении живеат во станови добиени од фондот на поранешна ЈНА, без право да добијат сопственост, отсега ќе имаат можност да ги откупат. До 15 јануари 2022 ќе треба да поднесат барање за откуп на станот до комисијата формирана во рамки на Министерството за транспорт и врски.

Право на откуп ќе имаат оние лица кои имаат решение за користење на станот, а се државјани на Северна Македонија, лица кои се или биле вработени во Министерството за одбрана и во Армијата најмалку десет години или се стекнале со право на пензија, како и лица од семејства во кои сопственикот е починат, но имаат документ за користење на станот.

– Документацијата се доставува во оргинал или копија заверена на нотар, не постара од шест месеци. Во однос на продажната цена на станот, таа се утврдува врз основа на градежната вредност, трошоците за уредување на градежното земјиште, местоположбата и амортизацијата на станот. Цената ја утврдува АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката, појасни министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на денешната заедничка прес-конференција со министерката Шекеринска.

Слични содржини