Шешов: Во Македонија не се очекуваат земјотреси со јачина над 6,5 степени

од Nikola Popovski

Овој тип и јачина на земјотрес е карактеристична за контактни региони помеѓу одредени тектонски плочи. Таму се судираат две-три плочи. На територија на Македонија не се наоѓаме на контактот помеѓу вакви тектонски плочи за да очекуваме вакви земјотреси. Ние по територија и по локација и по нашите студии, ниту историски податоци, не можеме да очекуваме вакви земјотреси, вели во разговор за „Локално“ директорот на Институтот за земјотресно инженерство и сеизмологија (ИЗИС), Влатко Шешов по катастрофалниот земјотрес што ги зафати Турција и Сирија.

Според него и согласно нивните истражувања, во нашата држава не се очекуваат земјотреси со максимални магнитуди повеќе од 6,5 или 6,7 степени.

-Можеби само во источниот дел од државата, кон источната граница со Бугарија, каде што имаме историски земјотрес, може да се очекува некој приближно до 7 степени. Тоа е тој познат земјотрес Кресна кој се случил пред 130 години. Немаме сознанија, ниту очекуваме вакви земјотреси како во Турција. Затоа не треба да стане за некаква паника или страв меѓу населението, апелира Шешов.

За разорниот земјотрес што го шокира светот, соговорникот вели дека не се случуваат секаде.

Ние и науката што се занимаваме со оваа област знаеме каде се случуваат земјотреси од ваков тип и не е изненадување. Овој потег на источен анадолиски расед долго време беше како во мирување и пасивен едно 150, 200 години и после толку време имаме јачина со магнитуда над 7,5 степени што претставува разорен земјотрес. Ослободената енергија за обичен граѓанин е неверојатно голема. Последиците зошто е разорен е дека во негова близина има големи градови и вие сега имате комбинација на силен земјотрес, ниско жариште и населено место, што да кажеме е највисок степен на сеизмички ризик. Оштетувања се неминовни. Големината на оштетувањата и жртвите повеќе изненадува од појавата на самиот земјотрес, порачува Шешов.

Директорот на ИЗИС коментира и дали зградите во Македонија се градат за да издржат ваков земјотрес.

-Сите ние живееме во домови и станови и сакаме да живееме безбедно. ИЗИС е единствена институција која врши контрола на сите градежни проекти од 2013 година па наваму. Сметам дека оваа контрола придонесе да се намали ризикот од евентуални оштетувања или несигурност при градење на објектите. Ние придонесовме да се намалат, како во проектирање, така и во изградба. Исто така одиме двапати на терен за поголемите објекти од 300 метри квадратни и контролираме квалитетот на изведбата на градежната конструкција, објаснува Шешов.

Тој смета дека во последните 15-20 години се применува добра градба, од вакви поуки и земјотресот во Скопје во 1963 година.

-Постои можност за подобрување, но не се само новите објекти. Има голем број на стари и постојни. Голем ризик претставуваат надграби и доградби. Тоа треба да го исфрлуваме бидејќи тие се најповредливи места каде може да дојде до оштетување. Треба многу средства и добри анализи и не држи. Како на старец да му ставите ранец со камења и да му кажете ајде трчи. Тоа не иде. Тие дограбди треба полека да ги забораваме, особено во подрачје како Македонија, предупредува Шешов.

Н.П.

Слични содржини