Шест македонски граѓани ја напуштија Украина и се на пат кон земјава

од Nikola Popovski

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи попладнево информираше дека група македонски граѓани штотуку ја напуштиле територијата на Украина.

-Шест наши граѓани тукушто ја поминаа границата на Украина и се наоѓаат на безбедно во Молдавија од каде продолжуваат кон Бугарија и потоа на пат кон земјава. Активностите продолжуваат, се прават сите напори за да бидат евакирани сите граѓани кои ќе побараат помош, објави Османи.

МНР денес соопшти дека во контекст на соработката со бугарската влада, упатија апел до нашите граѓани кои се наоѓаат на територијата на Украина, доколку се во можност, да се упатат во Одеса, во просториите на Генералниот Конзулат на Република Бугарија, од каде сѐ уште има активни коридори за евакуација.

– Во постојан контакт со Властите на Романија и Унгарија, од каде исто така е остварена соработка и овозможена асистенција за нашите државјани кои се наоѓаат во Украина. Граѓаните кои се во можност треба да се упатат во западниот дел на Украина, кон Конзулатите на Романија во Солотвино и Чернаути, како и кон конзулатите на Унгарија во Узгород, Берегове и Мукачево. Информираме дека на овие локации ќе им биде пружена дополнителна помош и асистенција во насока на нивна евакуација од Украина преку овие земји. Во постојан контакт сме и со Властите во Молдавија, од каде исто така имаме добиено потврда за вклучување на нашите државјани во евентуалните нивни коридори за евакуација, истакнуваат од МНР во соопштението.

Слични содржини