Шест најголеми сопственици на ветерни електрани го молат Г-20: „Треба да ја зголемите вашата инвестиција во ветер за 4 пати“ До каде е Македонија?

од desk4

Eнергијата на ветерот треба да претставува ‘рбет на глобалното производство на електрична енергија до 2050 година. Ова е пораката на раководителите на најголемите светски компании за производство на енергија од ветер. Тие тврдат дека глобалните цели за забавување на климатските промени се „осудени на пропаст“ доколку итно не се зголеми бројот на ветерни турбини во ветерните електрани.

Извршните директори на компаниите на обновливи извори на енергија, Вестас, Орстед, Сименс Игри, ССЕ и РВЕ ги предупредија шефовите на држави на Г20 дека ќе им „недостасува“ ветерот потребен за постигнување неутралност на јаглерод до 2050 година и ги повикаа да ја сменат својата политика и да започнат да инвестираат во фарми со ветерници.

Минатата година, и покрај глобалната пандемија, беа инсталирани рекордни 93 гигавати обновлива енергија, претежно во Кина и САД. И покрај ова, големите економии ќе треба да се зголемат за четири пати во следните децении инвестиции во ветерни електрани, доколку сакаат да постигнат неутралност на јаглерод, велат директорите на гореспоменатите компании.

До каде е Македонија на полето на инвестициите во ветерните паркови? Експертите од оваа област велат дека покрај Богданци во државата постојат уште неколку локации на кој што можат да им се искористат моќноста на ветерот. Според направените студии во Македонија за одредување на најпогодни локации избрани се 15 најповолни потенцијални локации за градба на ветерни централи.

Најголем дел на овие локации се лоцирани околу Повардарието, Овче Поле околу Свети Николе, како и повисоките планински делови каде има високи брзини на ветрот. Од овие 15 локации, само 3 се на надморска висина до 1000 метри, а останатите се лоцирани на планинските делови од земјата, од кои 6 локации се на надморска висина над 2000 метри, што секако не се поволни за градба на ветерни централи. За сите локации е претпоставена градба на ветерни централи со инсталирана моќност од околу 25 MW и со оперативен капацитет на работа или CF (Capacity factor) од 0,27 до 0,39.

За производство на ветерната енергија избрани се четири локации на кои од 2006 година континуирано се вршат мерења на брзините на ветрот, насоката, како и други метеоролошки параметри. Ранавец (Богданци) на 472 мнв, Шашаварлија (Штип) на 857 мнв, Богословец (Свети Николе) на 733 мнв, Флора (Кожуф) на 1730 мнв.

Просечните брзини на разгледуваните локации за градба на ветерни паркови во Македонија изнесуваат од 6,7 m/s до 8,5 m/s, што според искуствата можат да бидат погодни за градба на ветерни централи. Се подразбира дека покрај брзината на ветерот, битна улога во изградба на ветерни централи има и конфигурација на теренот.

Од 2020-2030 година се очекува динамиката и интензитетот на градба на ВЕ да продолжи.

Неодамна премиерот Зоран Заев најави нова инвестиција во Општина Богданци за поголемо производство на чиста електрична енергија.

„Новата инвестиција во ветерниот парк ќе се гради на просторот помеѓу селата Стојаково и Селемли. Се работи за инвестиција од 30 мегавати ветерна електрана на подрачјето на Општина Богданци со вредност од над 40 милиони евра за производство на електрична енергија од околу 72-гигават часови. Тоа значи обезбедување на стабилно снабдување со зелена и еколошка електрична енергија за околу 18.000 домаќинства“, истакна премиерот Зоран Заев на денешната промоција на новата инвестиција во ветерни електрани во Општина Богданци.

Заев очекува инвестицијата во ветерен парк во Општина Богданци да заврши за две години.

Б.Т.

Слични содржини