Акциите на граѓанска непослушност на коишто повикаа студентите во Србија влегоа во шестиот ден, додека српскиот претседател Александар Вучиќ, кој е главната мета на протестите, учествуваше во отворање на автопатска делница во западна Србија и демонстрантите ги обвини дека ја мразат својата земја и ѝ посакуваат зло.
Протестни блокади се закажани и за денеска во многу градови во Србија.
Граѓанската непослушност изразена во блокирање раскрсници уследи по претходните протести, како и по полициската бруталност минатата сабота на големиот протестен собир во Белград.
Во изминатите денови, во полициските акции за разбивање на блокадите беа повредени десетици демонстранти, додека повеќе стотици беа приведени и уапсени за „прекршоци“ и „кривични дела“. Меѓу нив има и професори на белградскиот универзитет, лекари, студенти, средношколци и други граѓани.
Протестите честопати предизвикуваат многу насилни постапки од други граѓани, кои честопати влетуваат со автомобили во масата демонстранти.