Шестмина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ преговараат за уставни измени?

од desk2

Шестмина пратеници од ВМРО ДПМНЕ преговараат за можноста да го дадат својот глас за уставни измени, тврдат извори за Телма.


Детали не се откриваат, а информацијата практично ја потврдија и од владејачкото мнозинство, велејќи дека се во постојана комуникација со колегите од противничкиот табор. Пратеникот од СДСМ, Мухамед Зеќири вели дека разговараат со сите пратеници, освен со Никола Груевски.

Од ВМРО ДПМНЕ не потврдуваат дали има средби со пратениците, но ниту негираат.Велат дека, и ако има, средбите се на ниво на пратеници, но не и на лидерско ниво. Потврдија дека имало средба и меѓу Мицкоски и Ахмети, но не откриваат детали. Со Заев, пак, би се сретнале само доколку се согласи да ги исполни нивните барања за техничка влада на 100 дена пред избори, јавен обвинител на предлог од опозицијата и Анкетна комисија за неправилностите од референдумот. Вчера и пратеникот Артан Груби, ја потврди средбата меѓу претседателите на ДУИ и на ВМРО ДПМНЕ, на која се разговарало и за евентуалното гласање за уставните измени во Собранието.

Доколку опозициските пратеници не гласаат за измени на Уставот, ДУИ разгледува три опции за настап на евентуалните предвремени избори. Покрај самостоен настап, постои варијанта и албанскиот политички блок да оди со заеднички изборни листи, но и да се направи предизборна коалиција со СДСМ и партнерите со кои заеднички настапија пред референдумот. Зијадин Села од Алијанса за Албанците, пак, вчера ги отфрли последните две можности.

Од БЕСА на Биљал Касами одбиваат предизборна коалиција со СДСМ, но не и со останатите партии на Албанците во Македонија.

Од БЕСА на Африм Гаши, пак, порачуваат дека сега фокусот треба да се насочи кон изнаоѓање на решение во Собранието. За понатамошните постапки доколку дојде до вонредни избори, ќе разговараат партиските органи./Telma

Слични содржини