Шевченко претпазлив пред дуелот со Македонија

од Vladimir Zorba

По поразот на стартот, Украина и Северна Македонија денес во Букурешт (15 часот) немаат право на грешка доколку сакаат да влеат во нокаут фазата. Холандија беше подобра од Украина на стартот (3: 2), додека Австрија ја победи Северна Македонија со 3:1.

Двете екипи се свесни за позицијата, со таа разлика што Украинците се под императив, додека Македонците сакаат да уживаат во својот дебитантски настап – ако е можно, и да ја остварат својата прва победа.

– Горди сме на играта против Австрија, иако резултатот не беше добар за нас. Треба да научиме лекции и да размислиме за позитивните детали во нашата игра. Сега сме соочени со Украина, го анализираме ривалот со акцент да не ги правиме истите грешки како на првиотдуел. Знаеме дека треба да играме наш фудбал и веруваме во победа. За нас, но и за Украина, меѓусебниот натпревар е како финале – изјави крилото на Лидс, Езгјан Алиоски.

Овие две селекции имаат доста историја на меѓусебни средби, а по првото пријателско реми, во вториот дуел славеше нашиот тим (1:0). Двата натпревари сепак и припаднаа на Украина во квалификациите за претходното Европско првенство – 1:0 дома, 2:0 на гости.

– Украина игра одлично, даде два гола на Холандија и е фаворит на нашиот натпревар. Тоа ни одговара, бидејќи имаме знаење, но и храброст да излеземе и да постигнеме гол, дури два. Важно е да верувамево себе си, едни на други и да не дозволиме пад на играта во текот на сите 90 минути – заклучи Алиоски.

Украина загуби несреќно, по грешка на одбраната и голманот, на крајот од мечот со Холандија, без оглед на тоа што беше надиграна во поголемиот дел од натпреварот. Избраниците на Андриј Шевченко немаат право на нови грешки.

– Екипата се подготвува да го даде максимумот, бидејќи Украина не е репрезентација што се пласира на секое големо натпреварување, а за нас овој турнир е исклучително важен. Мораме да извлечеме поуки од поразот со Холандија, каде не ја искористивме класата што ја имаме на средината и едвај кога тимот започна да притиска, бевме подобри од ривалот. Многу добро се трансформираме од одбрана во напад, но тоа нема да биде можно против денешниот ривал. Тие играат шема 5-3-2, каде се потпираат на одлична игра од контра, што изненади многу добри репрезентации. Мора да бидеме внимателни – нагласи Шевченко.

Веројатни состави – Украина (4-4-2): Бушчан – Караваев, Забарњи, Матвиенко, Миколенко – Зинченко, Сидорчук, Малиновски, Јармоленко – Јаремчук, Циганков.

Северна Македонија (5-3-2): Димитријевски – С. Ристовски, Муслиу, Д.Велковски, Алиоски, Николов – Адеми, Барди, Елмас – Пандев, Трајковски.

Слични содржини