Шилегов до Арсовска: „Купуваш ден, но не решаваш проблем – оди си“

од Nikola Popovski

Поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов ги коментираше последните случувања во градот, особено проблемите на релација приватни превозници-Град Скопје.

Иако не напиша директно за кого е наменет статусот на социјалните мрежи, Шилегов ѝ се обрати на актуелната градоначалничка, Данела Арсовска.

-Со сензационалистичко пласирање на лаги и невистини, купуваш ден, недела, месец, но не решаваш проблем. А нерешениот проблем ? Еееее, нерешениот проблем по истекот на денот, неделата, месецот се враќа и стравично удира. Право во глава ….Оди си. Не се (не) мачи сите …, напиша Шилегов на својот Фејсбук профил.

Арсовска вчера на прес-конференција ги обвини раководствата на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“.

-Со она што е евидентно од аналитичките картички со кои што е евидентирано финансиското работење кое произлегува од договорот со приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, од крајот на 2017 до денес немаат пријавено во продажба ниту еден продаден билет во приватните автобуси. Иако пријавувале дека возеле околу 400 илјади километри на месец и за ова пресметувале по едно евро за извозен километар кој што го фактурирале до ЈСП, изјави вчера градоначалничката.

Арсовска објасни дека „превозниците наплаќале билети, тие пари не ги пријавувале, односно „најверојатно се ставале во нечиј џеб и после фактурирале по 400 илјади евра од ЈСП секој месец и дека оваа шема трае пет години“.

Градоначалничката јавно праша каде се тие пари кои граѓаните ги даваат за да имаат квалитетна услуга.

 

Слични содржини