Шилегов до Мицкоски: Додека ти одиш во Будимпешта по инструкции, јас продолжувам да се грижам за безбедноста на скопјани

од Nikola Popovski

„Додека ти, Христијане ја замараш македонската и скопската јавност со своите лаги и конструкции, ние веќе правиме обука на персоналот и вршиме технички прием на противпожарната скала, новото добро во нашиот град. Прав си. Ти одиш во Будимпешта по инструкции, некој друг по опрема за безбедноста на скопјани!!!“, реагираше градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, откако беше обвинет од лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека набавил противпожарна автомеханичка скала вредна нешто повеќе од 1,7 милиони евра, а носител на набавката е унгарска компанија.

Шилегов го повика Мицкоски и „понатаму да се занимава со црнилото во својата душа“.

„Јас ќе продолжам да се грижам за безбедноста на скопјани…Можеби малку ти е чудно во твоето црнило, но Скопје веќе е европски град, со европски и светски стандарди“, стои во објавата на Шилегов на социјалните мрежи.

Мицкоски обвини дека како партнер на унгарската компанија се јавува истата компанија каде е косопственик зетот на секретарот на град Скопје.

„Чудно но вистинито, компанијата каде е косопственик зетот на најблискиот соработник на Петре Шилегов склучува договор со носителот на набавка во вредност од 33.244.500 денари или околу 540.000€ . А да…, сигурно штабски без основа ќе демантира град Скопје дека во периодот од 2012 и 2017 истата компанија добила тендери во времето на ВМРО-ДПМНЕ, нешто помалку од 150.000€, (иако не во тоа време, туку денес, снаата е секретар на градот, а компанијата ќе демантира дека има странски капитал од 2017 година и не бил зетот на најблискиот соработник на Петре Шилегов единствен сопственик“, истакна Мицкоски, додавајќи дека во деновите што следат ќе откриваат се повеќе сомнежи за сторен криминал.

Слични содржини