Шилегов избран за претседател на ЗЕЛС

од desk2

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов денеска е избран за претседател на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), а за негови заменици се избрани градоначалниците на Чаир Висар Ганиу и на Кавадарци и Митко Јанчев во негово отсуство.

На денешната конститутивна седница на Генералното собрание беа избрани и сите тела на ЗЕЛС. На седницата не присуствуваа градоначалниците од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Шилегов по изборот во изјава за новинарите истакна дека оваа функција ја доживува како една одговорност повеќе, а приоритет ќе биде продолжување на процесот на децентарлизацијата, што е вели и заложба на Владата, како и подобрување на финансирањето на општините со цел тие да добијат што поголема економска и финансиска самостојност.

– Тоа би значело дека процентот на средствата коишто се трансферираат од ДДВ кој во овој момент изнесува 4,5 проценти и персоналниот данок на доход кој изнесува 3 проценти во полза на општините би требало да се зголемуваат, како и д се среди делот од финансирањето на општините од блок-дотациите коишто централната власт ги префрла за потребите на општините на нивните сметки. Сето ова ќе овозможи поголема самостојност на општините во рамките на нивното финансиско функционирање со цел услугите кои единиците на локалната самоуправа и општините ги даваат на граѓаните да бидат на повисоко ниво што е всушност заложба на сите нас во текот на изборните кампањи – рече Шилегов.

Тој најави дека како претседател на ЗЕЛС своите активности ќе ги насочи и кон лобирања како дома во Македонија, така и пред странските партнери со цел да ја подобрат работата на Заедницата.

Одговарајќи на новинарско прашање, Шилегов рече дека политиката на дискриминација кон единиците на локалната самоуправа веќе престанува.

 

Порано денеска, ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека нема да учествува на конститутивната седница на ЗЕЛС, поради како што наведоа, недемократско однесување на власта и селективниот пристап при примената на правдата во Република Македонија.

Слични содржини