Шилегов: Опозицијата ја замара јавноста со суми за тревникот, за да не зборувме дека таму требало да има зграда од 20 метри

од Vladimir Zorba

Спиновите кои се јавуваат околу тревникот се јавуваат за да избегаме од вистинската приказна, дека тоа што сега го гледате како тревник и местото на куќата на Мајка Тереза, претходната власт го продаде да се изградат „Шпански скали“. И затоа сега ја замараат јавноста со суми колку чинел тревникот, за да не зборувме дека таму требало да има зграда висока 20 метри, вели во интервју за Локално градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

За претстојниот полициски час и дали за одлуката на Владата се виновни граѓаните и нивната недисциплина или неажурноста на МВР, градоначалникот вели дека има луѓе со доволно зрела свест и совест да знаат што значи загрозување на лично и туѓо здравје, но има и такви кои од субјективни причини не веруваат дека може да им се случи некое лошо здравствено сценарио и тука влегува во игра репресивниот дел од државата.

– Ние за жал имаме несреќни изјави од министерот за внатрешни работи кој од позиција на министер изјави дека МВР нема да ги казнува граѓаните коишто нема да се придржуваат до мерките како носење на лична заштитна опрема кога граѓанинот е во јавен простор отворен или затворен, вели градскиот татко.

На прашањето зошто избори во јуни, а не во септември, првиот човек на Скопје изјави дека ако некој може да гарантира денес дека во септември ќе имаме поинаква здравствена состојба од онаа којашто ја имаме сега, тој е за избори во септември.

– Но кој е тој што гарантира и со што гарантира? Реалноста е таа дека ние, ќе живееме со овој здравствен проблем наредниве година, година ипол најмалку. Тоа значи ќе мора да го прилагодиме целокупниот живот на вонредните околности, посочи градоначалникот.

За проектот на кој најмногу се гордее во своето две и пол годишно владеење, Шилегов посочи дека тој нема да прави пирамида на своето владеење и дека Скопје е воден без визија во изминативе 30 години.

– Несоодветен развој на градот. Имате лева страна на Вардар или северен дел на Скопје со неизградена инфраструктура, а тоа ја прави неатрактивна за живеење. И имате десна, јужна страна на каде има соодветна инфраструктура и ја прав атрактивна за живеење, а поради атрактивноста ја пренаселивме. И на крај добивме повторно неквалитетна половина за живеење, вели тој.

Продолжениов викенд имаме полициски час од недела до вторник. Дали ваквата одлука се должи на недисциплината на граѓаните или пак лошото справување на МВР со ситуацијата?

– Прашањето за контрола во време на епидемија е прашање кое е мултикомплексно и тоа се состои од мерки кои треба да ги преземат државните органи, да ги спроведуваат од една страна, а од друга страна не постојат мерки кои можат да дадат било каков ефект ако не се граѓаните сојузници во тој процес. Граѓаните можете да ги направите сојузници на два начина. Едниот е луѓето со доволно зрела свест и совест да знаат што значи загрозување на лично и туѓо здравје. Меѓутоа има луѓе кои од субјективни причини не веруваат дека може да му се случи некое лошо здравствено сценарио и тука влегува во игра репресивниот дел од државата, односно улогата на репресивните органи како што е полицијата. Ние за жал имаме несреќни изјави од министерот за внатрешни работи кој од позиција на министер изјави дека МВР нема да ги казнува граѓаните коишто нема да се придржуваат до мерките како носење на лична заштитна опрема кога граѓанинот е во јавен простор отворен или затворен. Имајќи ја во предвид плус и најавата за олеснување на мерките, да се создаде лажна слика дека епидемијата е помината односно надмината.

Не е, и нема да се надмине и нареднава година дена, според најавите од СЗО. Тоа значи дека ние мора да се научиме да живееме со поразлични навики од претходно. Тоа не е лесно бидејќи не е природно. Таквите изјави дадени на авторитети на различни нивоа, како што е министер, градоначалник, премиер, претседател или поглавар на верски заедници не одат во прилог на општата здравствена состојба. И тие ги принудуваат луѓето кои се дел од Комисијата за заразни болести да предлагаат порадикални мерки во смисла на ограничување на движењето. Секаде во светот се олабавуваат ограничувањата во движење, но секаде во светот тоа го прати носење на лична заштитна опрема. Носењето на лична заштитна опрема е соглано со одлука на влада по основ на уредба со законска сила и е прекршочно и кривично дело. Пластично да објаснам, тоа значи да имате министер за внатрешни работи кој што ќе порача сите тие кои ќе скршат излози и украдат роба нема да бидат казнети. Во престојниот викенд празничен кога средбите се поинтезивни меѓу граѓаните затоа и КЗБ предлага поригорозни мерки. Тука немаме право да мешаме политика.

Како според вас се справуваат здравствените власти со коронавирусот?

-Мислам дека предобро се справија, многу успешно и токму заради тоа се создаде еден впечаток кај граѓаните дека болеста и не е толку опасна. Во споредба со другите држави немавме пикови како што се случи во Италија, Шпанија,САД, Бразил… Успеавме поради навремено преземените мерки, благовремено кривата на зараза да ја држиме цело време под контрола.

Дали требаше да се случи корона кризата за да се направи паркинг на Клинички центар?

-За жал требаше да се случи пандемијата за да проектот што ние го сработивме со министерството за Здравство наиде на едно општо одобрување да можат да бидат потрошени јавни пари. Јас мислам луѓето ќе бидат многу задоволни кога ќе го завршиме целиот концепт со проширување, со нови влезови со зголемување на капацитет на паркинг места, а моја желба е да напраиме одвоено паркирање за вработените и за пациентите.

Предвремени избори во С.Македонија – зошто во јуни, а не на крајот на летото? Дали се ризикува уште повеќе здравјето на граѓаните доколку се оди премногу рано на избори?

-Државата е во избори. Ние сме со распишани избори, изборниот процес е во тек, истиот е прекинат со воведување на вонредна состојба. Значи кога ќе прекине вонредната состојба, продолжува да течат роковите за избори. Јас би бил најсреќен да немаше епидемија да можевме да одиме на нормални избори кои веќе ќе беа оддржани. Зошто во јуни, а не во септември. Ако некој може да гарантира денес дека во септември ќе имаме поинаква здравствена состојба од онаа којашто ја имаме сега, јас сум за септември, но кој е тој што гарантира и со што гарантира? Реалноста е таа дека ние, ќе живееме со овој здравствен проблем наредниве година, година ипол најмалку. Тоа значи ќе мора да го прилагодиме целокупниот живот на вонредните околности.

Ако утврдуваме како држава протоколи за сите движења, отворње на трговски центри, авто школи, враќање на дечињата во градинка, зборуваме од септември да имаме регуларна настава, протоколи за супермаркет, тогаш зошто да не утврдиме протокол за избори. Зошто може да се чека ред на каса на „Зара“, а не на избирачко место. Изборите дали се сега или во септември ќе бидат под посебни здравствени протоколи.

Веста дека сте дале 500 илјади евра само за еден тревник во центарот на градот, беше наголемо лиферувана од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и предизвика бура во јавноста. Потрошените пари настрана, зошто токму вакво решение во срцето на градот кое беше прифатено со измешани чувства од граѓаните?

-Ајде да зборуваме за новите стандарди во Скопје. Новите стандарди на Скопје најлесно можете да ги видите на зелениот кров над ГТЦ и како логичен еден след, новиот плочник којшто се наоѓа на простор којшто беше најдевастиран јавен простор. Таму беа крпеници од асфалт, дупки. Сега таму има најквалитено уреден јавен простор. Целиот тој простор кога ги почнавме актвностите септември 2019 година јас го најавив и чини 33,2 милиони денари. Во тие 33,2 милиони денари има обнова на канализациони мрежи, дренажа на терен, канделабрите, зеленилото, урбаната опрема и сето тоа чини 538 илјади евра.

Местото кадешто се наоѓа тревникот е место коешто претходната централна и локална власт го има продадено за изградба на објект „Шпански скали“. На приватна сопственост, без согласност нa сопственикот, не може да инвестирате јавни пари. Јас ги замолив сопствениците своевремено да дадат изјава и согласност, тој е контроверзен предмет и е во обвинение, не знаеме како ќе заврши. Сметав дека е во ред тој простор да го преуредиме да биде сосема поинаков, немаше согласност од сопствениците. Они имаат ограничување во сопственоста затоа што тоа никогаш го немаат земено во владение, Јас немав право да трошам јавни пари на приватен имот.

Спиновите кои се јавуваат околу тревникот се јавуваат за да избегаме од вистинската приказна, дека тоа што сега го гледате како тревник и местото на куќата на Мајка Тереза, претходната власт го продаде да се изгради зграда висока 20 метри, наречена Шпански скали. И затоа сега ја замараат јавноста со суми колку чинел тревникот, за да не зборувме дека таму требало да има зграда висока 20 метри. Може ли да замислите како би личел нашиот град ако таму поставиме зграда виска 20 метри. Тука е игранката со тревата да се замараме со тревата, а не со суштината.Ама граѓните имаа слшната за Шпански скали, а сега можат да видат каде тие требаше да се наоѓаат и како да изгледаат. И згора на сè лицемерието за грижа на местото на раѓање на Мајка Тереза. Јас би прашал ако се изградеа Шпанските скали, на која скала ќе ја изградеа спомен плочата на Мајка Тереза.

Има ли градот направено анализа колкави би биле загубите во однос на приходите и другите приливи поради актуелната криза, и како тоа ќе се одрази врз работењето?

– Сите ќе бидеме погодени од кризата, директно и индиректно. Факт е дека покрај здравствена ќе имаме и економска криза којашто се обидувме да ја ублажиме. Немаме сè уште стабилни економски токови за да можеме да направиме реална проекција на падот на приходната страна. Јас очекувам дека некаде во август месец ќе можеме да направиме ребаланс на буџетот на град Скопје. Добрата вест за Скопјани е дека во изминатите две ипол години, колку што сум јас градоначалник се потрудивме да работиме на еден поинаков начин од тоа што претходно било работено и градот денеска на жиро сметка има околу 20 милиони евра активни пари. Меѓутоа токму поради овие стравови мислам дека не е паметно активата на градот да ја трошиме за секојдневните градски активности и да се однесуваме како ништо да не се случило. Затоа одлучив, а советот поддржа кредитот за изградба на забавниот парк кој во моментов не е неопходен го пренамениме во кредитно задолжување за изградба на инфраструктура.

Средствата предвидени за изградба на инфраструктура во буџетот ги зачувуваме, а овозможуваме сериозна градба на инфраструктура со кредитно задолжување. Зошто ми е мене како градоначалник битно да ја сочувам активата на градот. Секогаш имам во предвид дека градот има под своја ингеренција надлежности кои живот значат, водовод, јавен транспорт, комунална хигиена, Дрисла. Во услови на намалени приходи и кај овие јавни претпријатија јас морав ,пред сè како совесен човек да имам материјална резерва, да овозможам ако настанат отежнати околности за функционирање на тие системи градот да може да вбризгува во нив финансиска инекција со цел да функционира. Ако ги потрошиме парите за разно разни работи, замислете Водовод да не може да реализира доволно средства за да го оддржува системот. Тоа би значело нема вода за пиење.

Затоа мислам дека градот донесе стратешки добра одлука. Има импликации во помош на домашната економија, бидејќи ќе ангажираме домашни фирми и така ги оддржуваме и нив во живот и спиралата на економски движења продолжува.

Најавивте дека во наредниот период од јавните површини во Скопје ќе бидат отстранети 240 рекламни објекти – билборди и ситилајти. Дали е ова почеток во решавањето на хаосот во надворешното рекламирање?

-Јас како градоначалник сериозно се занимавам со ослободување и уредување на јавен простор и тоа особено во центарот на градот мислам дека е видливо. Јас како жител на Скопје мислам дека беше пребукирано од рекламни паноа кои се издадени на четири концесионери на периоди од 15- 20 години. Овие билборди се поставувани без да се види какво е нивното влијание врз јавниот простор. Па имаме билборди кои се поставени на велосипедски патеки, на пешачки премини и загрозуваат безбедност. Успеавме да постигнеме начелна согласност со концесионерите за намалување на бројот на билбордите и ситилајтовите. Имајќи ја во предвид и економската криза со цел да го подобриме економското работење градот ќе се откже од три закупнини за месеците март, април и мај. Со намалување на бројот на рекламни објекти компаниите ќе имаат намалување на давачките за месечна закупнина.

Дали е ова продолжение на процесот против Коце Трајановски кој го најавивте пред две години?

– Не е, затоа што тој си има свои текови во судските лавиринти и во кривично правно и граѓанско правна смисла. Меѓутоа она што неможеме по автоматизам да го направиме е да го раскинеме договорот без оглед што тој бил противправно пренесен. Ќе го почитуваме тој договор додека судот не каже поинаку, затоа што основната претпоставка е дека субјектот кој се стекнал со правото на тој договор обврските си ги исполнувал. Дали некој правото на тој договор го пренел на несоодветен начин тоа е работа на судските постапки. А јас очекувам дека судот ќе констатира неправно пренесување и согласно тоа ќе згасне концесијата. Меѓутоа сè додека не го добијам како судска одлука јас сум должен да го почитувам договорот.

Ја намаливте фирмарината, дали Градот планира нови економски мерки?

-Во рамки на она што ние можеме да влијаеме на економските текови, градот донесе најоптимални решенија што може да бидат донесени и тие ќе важат до крајот на оваа календарска година.

Две ипол години сте градоначалник на Скопје, кој е проектот на кој најмногу се гордеете?

-Јас не сум од оние градоначалници кои мислат дека треба да градат пирамида на своето владеење. Горд сум на тоа што во овој момент во Скопје се работат четири булевари и се гради нов мост од Аеродром кон Ќерамидница. Четири булевари во Скопје во исто време се немаат градено ниту после земјотресот 1963 година. Ама јас не мислам дека треба да ја направам пирамидата на своето вледеење, туку сè што можам умеам и знам за да овозможам поквалитетен живот на граѓаните од една страна, а од друга страна да се создаде добра инфраструктура која ќе гарантира правилен развој во Скопје во наредните 30 години. Сметам дека овој град е воден без визија во изминативе 30 години. Несоодветен развој на градот. Имате лева страна на Вардар или северен дел на Скопје со неизградена инфраструктура, а тоа ја прави неатрактивна за живеење. И имате десна, јужна страна каде има соодветна инфраструктура и ја прави атрактивна за живеење, а поради атрактивноста ја пренаселивме. И на крај добивме повторно неквалитетна половина за живеење. Тоа е нешто што добар градоначалник мора да го има во предвид.

Дали е време да почне градот да се шири кон надвор, а не кон внатре и дали ќе се реализира идејата со „парк енд рајд“, за жителите од другите градови кои ќе даѓаат во Скопје со автомобили?

-Токму тоа го правам. Булеварот Христијан Тодоровски – Карпош, излез кон обиколница. Меѓутоа кога одите од Бутел кон обиколница лево и десно од вас е простор за развој којшто нема да прави притисок на центарот. Го работиме проектот на булевар Хрватска, а тоа е спојување на булеварот Босна и Херцеговина За системот „парк енд рајд“ јас зборував со граѓаните а опозицијата го пречека малку лошо, дека Шилегов ќе забрани влез на коли од надвор во Скопје. Не може тоа да го забраните, но може на тие луѓе што влегуваат во градот да им понудите можност да го паркираат возилото и да го користат јавниот градски превоз за да стигнат до посакуваната дестинација. Тоа е поврзано со еден поинаков концепт на јавен транспорт којшто градот го работи и веѓе е најавен, а ние сме веќе во една поодмината фаза на документацијата за „бас рапид транзит“ систем којто го работиме во две фази. Првата е Ново Лисиче – Ѓорче Петров, а втората е Кисела Вода – Бутел. Мислам дека кога ќе се имплементира ова јавниот транспорт ќе стане поатрактивен. Затоа што ќе имате возило на секои три ипол минути кое ќе се движи на посебна лента. Кога ова ќе стане оперативно тогаш можеме да понудиме и систем на „парк енд рајд“.

В.З.
В.К.Г.

Фото: Борче Поповски

Слични содржини