Шилегов: Првпат во историјата, од 45-та година навака е набавена ваква скала

од Nikola Popovski

„Да потрошите 2 милиони евра на железна ограда, а да спиете со товар дека над петти кат немате безбеден граѓанин во градот Скопје затоа што не сте набавиле противпожарна скала, за мене е неприфатливо“, изјави денес на новинарско прашање, градоначалникот Петре Шилегов по вчерашната преписка со лидерот на опозиската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој вели дека пред неговото доаѓање, „овој град 27 години го водеше ВМРО-ДПМНЕ, a oва е прва ваква скала која се купува во Македонија“.

„Првпат во историјата, од 45-та година навака е набавена ваква специфична и софистицирана опрема. Јас не сум стручен, ниту имам претензија да бидам стручен на таа тема, затоа техничката спецификација и потребата која ќе ја гарантира безбедноста на скопјани од една страна, но и безбедноста на пожарникарите од друга страна, е работа која ја направија од Противпожарната бригада. Членовите на Комисијата се од Противпожарната бригада, не е градоначалникот – тие ја водеа постапката. Опремата која ја имаме набавено е сериозно различна, и јас вчера соопштив само дел од тоа по што ние се разликуваме од градот Загреб. Скалата ќе биде во функција за граѓаните на Скопје некаде на крајот на овој месец“, дополни Шилегов.

ВМРО-ДПМНЕ го објави денеска договорот на град Скопје со унгарската фирма „Хороскоп КФТ“ за набавка на противпожарно возило со скали за спасување.

Според договорот, вредноста на возилото е 89 850 000 денари или 1 460 621 евро, без пресметан ДДВ, а во што се вклучени трошоците за транспорт и сите увозни и царински давачки, додека вкупната цена со пресметан ДДВ е 106 023 000 денари или 1 723 533 евра.

Вчера и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски објави на Фејсбук дека истото возило во Загреб е набавено по двојно пониска цена. Тој објави и фотографии од возилото што загрепските локални власти го набавиле кон крајот на минатата година, како и информација за тоа објавена на интернет-страницата на град Загреб, во која, сепак, не е наведена цената на возилото за спасување на височина.

Слични содржини