Шкотската премиерка: Нов референдум за независност „кога ќе дојде време“

од Stefanija Kuzmanovska

Шкотската премиерка Никола Старџен во петокот им вети на Шкотите нов референдум за напуштање на Велика Британија „кога ќе дојде време“ доколку нејзината шкотска национална партија (СНП) победи на локалните избори.

Иако има уште време до сабота, кога ќе бидат објавени официјалните резултати од изборите во четврток, Старџен рече дека е „крајно убедена дека СНП е на добар пат кон четвртата последователна изборна победа“, пренесе „Франс Прес“.

Лидерот на СНП, говорејќи во Глазгов, откако објави дека победи непречено во нејзиниот округ, каде што доби 60,2 проценти од гласовите, рече дека нејзината партија е на пат да ја формира владата.

„Ако ова е навистина резултат на овие избори, денес ветувам дека ќе се вратам на работа веднаш за повторно да ја кренам оваа земја по Ковид-19 и, кога ќе дојде време, да и понудам друг избор за подобра иднина“.

Старџен претходно најави дека во случај на победа ќе создаде притисок врз британската влада да дозволи нов референдум за независност на Шкотска.

Во 2014 година, Шкотите избраа да останат во Велика Британија со 55 проценти од гласовите, но пред да гласаат за напуштање на Европската унија, на која Шкотска, како и Северна Ирска, се спротивстави со 62 проценти од гласовите.

Британскиот премиер Борис Џонсон, поборник за „Брегзит“, силно се спротивставува на нов референдум во Шкотска, тврдејќи дека гласањето треба да се одржи „еднаш на генерација“.

Старџен, исто така, најави дека Шкотска, доколку гласа за независност, ќе се обиде да се приклучи на Европската унија.

Слични содржини