Шојгу ги награди пилотите на борбениот авион кои го соборија американскиот дрон

од Stefanija Kuzmanovska

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу ги награди пилотите на борбениот авион Су-27, кои спречија американскиот дрон МК-9 да ги наруши границите на зоната на „специјални воени операции“, соопшти денеска руското министерство за одбрана.

„Министерот за одбрана на Руската Федерација, генералот на армијата Сергеј Шојгу, им додели државни награди на пилотите на авионот Су-27, кои спречија американското беспилотно летало МК-9 да ги наруши границите на областа каде што привремено е воспоставен режим за користење на воздушниот простор заради извршување на специјална воена операција“, се наведува во соопштението, пренесува „Интерфакс“.

Се додава дека сите корисници на меѓународниот воздушен простор биле претходно информирани за границите на таа зона. Инцидентот со дронот се случи на 14 март.

Европската команда на вооружените сили на САД соопшти дека рускиот борбен авион Су-27 при пресретнувањето го погодил пропелерот на американскиот дрон МК-9, по што дронот паднал во меѓународните води на Црното Море.

Министерството за одбрана на Русија, пак, тврди дека рускиот авион немал контакт со дронот, дека не користел оружје и дека дронот се урнал поради „остро маневрирање“.

Слични содржини