Шокантни сведоштва во NYT: 439 страни за суровите злосторства на американските “Фоки”

од desk2

Во шокантното сведоштво во “New York Times” опишани биле детали од злосторствата кои припадниците на специјалните сили на американската војска ги извршиле во текот на операцијата во Ирак.

За наведени примери одговорен е Едвард Галагер, лидер на “Алфа” од Тимот 7, командос на морнаричките “Фоки”. За овие злосторства сведочеле неговите подредени.

Седум членови на водот во март 2018-та година организирале приватен состанок со својот командант во базата Коронадо кај Сан Диего. Според податоците на истражниот извештај во кој “New York Times” имал увид, тие изнеле крвави детали од воените операции и барале формална истрага.

Наместо истрага на својот командант и неговите помошници, добиле порака дека оваа иницијатива би можела да ги чини кариерите. Пораката била јасна: “Тишина”.

Опширниот извештај на 439 страни детално го опишал начинот на однесување во “Фоките”, кој ја наградувал агресијата и ги штител злосторниците, пишува “New York Times”. Брајан Алазави, помошник на обвинетиот командант, рекол дека последиците од оваа истрага би можеле да ги почувствуваат и други припадници на “Фоките”.

“Фоките”, инаку, важат за најелитната единица командоси на американската војска, но во текот на последните неколку години испливале извештаи за нивните бројни злосторства – претепување, убиства, кражби, другирање…

Само неколку дена по состанокот од март 2018-та, Галагер бил одликуван со Бронзена ѕвезда поради покажаната “храброст под оган”. Сепак, еден месец подоцна, Галагер бил уапсен на основа на голем број на обвиненија, меѓу кои и убиство и обид за убиство. Ако биде прогласен за виновен, би можел да добие доживотна робија.

Меѓу обвинетите се нашле и непосредниот надреден полковник на Галагер, Џејкоб Портиер, кој е осомничен за уништување на докази. Истрагата покажала и дека голем број на други високи офицери знаеле за обвиненијата, но не пријавиле. Меѓутоа, никој друг не бил обвинет во овој случај.

Галагер, познат и под прекарот Блејд, пред објавувањето на овој извештај важел за “легенда” меѓу специјалците, но неговите соборци кратко по пристигнувањето во Ирак можеле да се уверат во поинаква вистина.

“Супер приказна, го средив со ловечки нож”
Галагер ги терал војниците да лансираат ракети на куќи без никаква причина, паркирале оклопни возила на мостот на Тигар, па наизменично пукале по цели населби.

Работата на Галагер била да планира и да ги надгледува мисиите, но тој често сам земал снајпер и пукал по се што се движи. Често се фалел колку луѓе убил тој ден, вклучувајќи и жени.

Снајперистите на инспекторите им рекле дека Галагер во една прилика од снајпер застрелал девојче со шарен хиџаб, кое шетало покрај реката со пријателки. Останатите снајперисти рекле дека преку нишан гледале како другите девојчиња ја одвлекуваат додека таа се држи за стомак.

Во друг случај, тој од чиста мира од снајпер убил невооружен маж со бела брада.

Третиот пример се случил на 4-ти мај 2017-та, кога ирачки војници довеле припадник на ИСИС ранет во борба, за Галагер преку радио да порача кратко: “Мој е!”. Според проценките на припадниците на “Фоките”, уапсениот терорист имал околу 15 години и бил ранет. Додека лекарот му пружал помош, Галагер му пришол на терористот и без збор го избодел неколку пати во вратот и градите.

После тоа, Галагер со уште неколку припадници на “Фоките” се сликал над лешот.

Една недела подоцна, Галагер му ја пратил фотографијата на војник од Калифорнија, со коментар: “Супер приказна, го средив со ловечки нож”.

Кога поискусните војници го прашале Галагер зошто го направил тоа, тој одговорил: “не грижи се за тоа, тие нам ни прават многу полоши работи”./Tocka

Слични содржини