Шолц: Кина ќе сноси последици ако почне да им испраќа оружје на Русите

од Stefanija Kuzmanovska

Германскиот канцелар Олаф Шолц во вчерашното интервју за Си-Ен-Ен изјави дека Кина ќе почувствува „последици“ доколку испрати оружје во Русија. Сепак, германскиот канцелар предвидува дека Пекинг сепак ќе се воздржи од снабдување со оружје на руските сили. Овој говор доаѓа само два дена откако Шолц се сретна со американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон.

Американските власти неодамна предупредија дека Кина може да почне да ѝ доставува оружје и муниција на Москва. Пред неговото патување, Шолц ја повика Кина да се воздржи од испраќање оружје и наместо тоа да го искористи своето влијание за да изврши притисок врз Русија да ги повлече своите сили од Украина, пишува „Асошиејтед прес“.

„Мораме да бидеме многу, многу внимателни“

Тој се осврна и на прашањето дали испраќањето воена помош за Русија ќе резултира со воведување санкции кон Кина.

„Мислам дека тоа би имало последици, но сега сме во фаза кога јасно кажуваме дека тоа не треба да се случи и јас сум релативно оптимист дека ќе успееме со нашето барање во овој случај, но ќе мора да го набљудуваме тоа и мораме да бидеме многу, многу внимателни“, рече Шолц.

Тој не сакаше да прецизира какви последици ќе предизвика таквиот потег на Пекинг.

Германија ја има најголемата европска економија, а Кина е нејзин најголем трговски партнер во последниве години.

Слични содржини