Шолц: Зеленски вети дека западното оружје нема да се користи за напади на руска територија

од Vladimir Zorba

Германскиот канцелар, Олаф Шолц изјави дека постои договор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, оружјето што го испорачува Западот да се користи само на територијата на Украина и нема да се користи за напади на територијата на Русија.

Шолц, во интервју за Билд, на прашањето дали има договор со претседателот Зеленски дека оружјето од Запад ќе се користи само на територијата на Украина и дека нема да се користи за напад на територијата на Русија, одговори дека „таму е консензус за тоа“.

Канцеларот изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека Русија е „повторно загрозена од германски тенкови“ ја оцени како „дел од низата нејасни историски споредби со кои Путин го оправдува нападот врз Украина“.

На потсетување од новинарите дека поранешниот премиер на Велика Британија, Борис Џонсон оваа недела за Би-Би-Си изјави дека рускиот претседател Владимир Путин му се заканувал со ракетен напад за време на телефонски разговор, Шолц нагласи дека не добивал такви закани.

Шолц истакна дека за време на телефонските разговори меѓу Берлин и Москва, рускиот претседател не му се заканувал. „Ниту мене, ниту на Германија“.

Оцени дека Русија води безмилосна војна против Украина и дека ништо не може да ја оправда таа војна.

Зборувајќи за испораката на германски тенкови во Украина, Шолц рече дека Германија внимателно ја мери секоја испорака на оружје, тесно координирајќи ја со сојузниците, пред се со Америка.

Според зборовите на германскиот канцелар, ваквиот заеднички пристап спречува ескалација на војната.

Слични содржини