Шолц и неговата сопруга фрлиле тајни документи во ѓубре

од Vladimir Zorba

Врвно тајни документи на германската влада биле пронајдени расфрлани пред приватниот стан на канцеларот Олаф Шолц, откако лисици му ги искинале кесите за отпадоци, пишува The Telegraph.

Олаф Шолц беше критикуван за фрлање доверливи информации во канта откако соседите во Потсдам, на периферијата на Берлин, пронајдоа неколку хартии означени како „доверливи“ расфрлани на улица пред нивната куќа.

Документите главно се однесуваат на сопругата на канцеларот, Брита Ернст, која е министерка за образование во покраината Бранденбург, чиј главен град е Потсдам. Соседите за германските медиуми изјавија дека на прв поглед е јасно дека документите, кои не биле исечени, се владини брифинзи кои строго не биле за јавна употреба.

Ѓубрето, во кое имале увид медиумите, вклучувал брифинг од Министерството за надворешни работи на земјата со информации за претстојниот самит на Г7, вклучително и детали за секој од партнерите на лидерите на Г7, пишува Telegraph’s Morning Report.

Белешката содржела конкретни теми за Кери Џонсон, сопругата на британскиот премиер Борис Џонсон. Документите се однесуваат и на некои од партнерите на лидерите на Г7 во јуни, вклучувајќи ги Брижит Макрон, Брита Ернст и Кери Џонсон.

На брифинг за Марија Серенела Капело, сопругата на италијанскиот премиер Марио Драги, беше кажано дека има диплома по англиска литература и дека „ја избегнува јавноста“.

Во информативните белешки на првата дама на САД, Џил Бајден и сопругата на францускиот претседател Емануел Марон има информации за нивните занимања, а во белешките за Јуко Кишида, сопругата на јапонскиот премиер Фумио Кишида, стои дека е „секретарка во јапонската фабрика за автомобили Mazda“…

Покрај белешките за Г7, документите покажуваат и детален план за тоа што Ернст требала да облече на неколку официјални настани, како на пример кога гласаше на сојузните избори минатиот септември (панталони, сина кошула, тенок блејзер) и на пост -изборниот собир (црн костим Hugo Boss, сива кошула, црни патики, црна Anke Runge чанта…).

Документите вклучуваа и преглед на говорот што сопругата на канцеларот требаше да го одржи во парламентот на Бранденбург, детален распоред каде ќе биде Ернст и со кого ќе се сретне, заедно со доказ дека се запишала на курсеви за подобрување на англискиот јазик.

Неколку документи беа означени како „VS Confidential“, највисок стандард за владините документи.

Според системот за класификација, документите мора да останат во просториите на официјални владини згради или да се носат на службени патувања.

Двојката е на удар на критики во Германија, при што неколку медиумски извори ја доведуваат во прашање одлуката да се отстранат документите на таков начин, имајќи предвид дека и двајцата имаат повеќедецениско искуство во политиката и јавниот сервис.

Германскиот магазин „Шпигел“ објави дека канцеларот и неговата сопруга, наводно, имаат релаксирана врска со доверливи документи, додека таблоидот „Билд“ остро ги критикуваше навиките за рециклирање на двојката, пишувајќи: „Домаќинството Шолц не е сериозно кога станува збор за одвојувањето на отпадот – а особено не кога се работи за чување тајни“.

Шолц, кој ја презеде функцијата во декември 2021 година, се соочи со домашни и меѓународни критики во последниве месеци поради наглото зголемување на трошоците за живот, заедно со очигледниот неуспех да ги снабдува украинските војници со тешко оружје и покрај ветувањата за поддршка.

Слични содржини