Шолц: Нема да има недостиг на гас, но ќе биде поскап

од Vladimir Zorba

Канцеларот Олаф Шолц им вети на германските граѓани целосна поддршка во однос на инфлацијата и растот на цените на енергијата во есен и зима. „Ќе направиме се за да им помогнеме на граѓаните да ги пребродат овие тешки моменти. И затоа Владата, покрај постоечките мерки, е решена наесен да воведе и нови за да ги растерети граѓаните“, рече тој.

Шолц рече дека „Германија живее во тешки времиња“ и дека ќе биде на тест, но дека не очекува зголемувањето на цената на енергијата да доведе до социјални немири.

„Не верувам дека ќе има социјални немири, а тоа е затоа што Германија е социјална држава“, рече Шолц. Тој додаде дека државата „никого нема да остави на цедило“, имајќи ги предвид пред се граѓаните со помали примања.

Посочи дека Владата се соочува со проблеми со снабдувањето со енергија, кои делумно се резултат на одлуките на претходните влади.

„Во минатото донесовме одлуки за напуштање на јагленот како енергенс за производство на електрична енергија, како и нуклеарните централи, но во исто време не ја дефиниравме брзината на модернизација на индустријата за да се префрли на обновливите извори на енергија“, рече Шолц.

Истовремено, тој нагласи дека нема да има недостиг на гас, меѓу другото, поради зголеменото свртување кон течен гас како замена за природниот гас од Русија.

„Гасот ќе поскапи, но ќе го има доволно“, посочи Шолц.

Тој се залагаше за изградба на гасовод од Португалија преку Шпанија и Франција до централна Европа со цел да се одвикне Европа од нејзината енергетска зависност од Русија.

„Таков гасовод сега значително би го олеснил снабдувањето“, рече Шолц.

За тоа разговараше со лидерите на Шпанија, Португалија, Франција и Европската комисија во Брисел и лобираше за воспоставување на ваков проект.

Германскиот канцелар се осврна и на војната во Украина, нагласувајќи дека Германија ќе продолжи да и помага на таа земја и рече дека е скептичен во однос на барањето да им се забрани на руските државјани да влезат во Европската унија.

„Тоа е војна на Владимир Путин и затоа би имал проблем да ги казнам сите граѓани на Русија“, рече Шолц.

Тој нагласи дека ќе продолжи да спроведува санкции против поединци кои го поддржуваат рускиот напад врз Украина.

Слични содржини