Шпанија е шампион на Европа, Франција падна во лудо финале

од Nikola Popovski

Кошаркарите на Шпанија се новите шампиони на Европа. Тие во финалето ја совладаа Франција со резултат 88:76. Пред сѐ, победата и титулата ја постигнаа со извонреден шут за три поени, кој вечерва им служеше мајсторски.

Најзаслужен беше Хуанчо Ернангомез, кој мечот го започна на клупата, а потоа во првото полувреме постигна шест тројки од седум обиди и вкупно 18 поени, при што Французите немаа решение за него.

Погодуваше од сите позиции, помладиот од браќата Ернангомез, а на сето тоа Шпанците одговорија со квалитетна одбрана, па „Црвената фурија“ во еден момент имаше и 21 поен предност.

„Галските петли“ се обидоа со тројки да се вратат во мечот и во еден момент од третата четвртина им успеа, но избраниците на Серхио Скариоло повторно се „одлепија“ и тоа беше крај за Франција.

До крајот на натпреварот, играчите на Винсент Кол почесно се збогуваа со натпреварувањето, не дозволувајќи им на Шпанците да ги понижат на теренот.

Во второто полувреме на Хуанчо му се придружија и другите соиграчи кои погодија, пред сѐ Алберто Дијаз и Хамес Фернандез, па „Црвената фурија“ ја наследи Словенија на „покривот“ на Европа.

Шпанскиот центар Вили Хернангомез беше прогласен за МВП на првенството, а покрај него, во идеалната петорка се најде и плејмејкерот Лоренцо Браун.

Бронзениот медал заврши кај домаќинот на завршницата Германија, која во „малото финале“ ја совлада Полска со 82-69.

Слични содржини